• петок, 05 декември 2025

Петто издание на трката со препреки „ОЦР Кучково“

Петто издание на трката со препреки „ОЦР Кучково“

Скопје, 28 септември 2025 (МИА) - Во село Кучково, општина Ѓорче Петров, денеска ќе се одржи петтото издание на единствената трка со препреки во Македонија, организирана од спортското здружение „Отаку“, Скопје.

- Оваа трка претставува уникатно спортско и адреналинско доживување за сите учесници, кои ќе можат да ја тестираат својата физичка и психичка подготвеност на патека долга преку осум километри, што има повеќе од 20 предизвикувачки препреки. Трката вклучува качување по јаже, преминување преку високи ѕидови, ползење низ кал, носење товар, трчање низ природен терен, како и многу други предизвици што остануваат изненадување. „ОЦР Кучково“ е многу повеќе од спортска трка - тоа е тест за издржливост, самонадминување и тимски дух, што создава незаборавни моменти за секој кој ќе застане на стартната линија, се наведува во соопштението од тимот на ОЦР Македонија.

По завршувањето на трката, предвидено е да се одржи церемонија за наградување на најдобрите во неколку категории.

- Организаторите ги покануваат сите љубители на спортот, авантурата и природата, да ги бодрат натпреварувачите и да уживаат во единствената трка со препреки во земјава, што ќе се одржи во недела, 28 септември, во 10 часот, кај Крстот во село Кучково, се додава во соопштението. бд/аа/

Фото: Соопштение

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан