Петровска: Евроатлантска интеграција на регионот за подобрување на безбедноста и стабилноста
- - Потребно е и продолжување на блиската соработка на НАТО и ЕУ, и уште поактивен ангажман во регионот. И НАТО и ЕУ, сојузниците и земјите-членки, треба да најдат иновативен начин за да помогн
Охрид, 29 август 2022 (МИА) - Република Северна Македонија иако е најмладата членка на НАТО, докажа дека може да биде модел кој активно придонесува за стабилноста и безбедноста во регионот. Тоа го истакна денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска на затворањето на Безбедносниот форум на алумни на Маршал центарот, кој по 10. јубилеен пат се одржа во Охрид.
Осврнувајќи се на војната во Украина, Петровска забележа дека тоа влијае по безбедноста на Европа, вклучително и на Западен Балкан, каде се уште има отворени прашања, кои може да ја нарушат безбедноста и стабилноста. Големо влијание на безбедноста, според министерката, имаат и зголемените малигни странски мешања, хибридните предизвици, сајбер нападите и кампањите за манипулација со информации.
- Потребно е и продолжување на блиската соработка на НАТО и ЕУ, и уште поактивен ангажман во регионот. И НАТО и ЕУ, сојузниците и земјите-членки, треба да најдат иновативен начин за да помогнат во затворањето на преостанатите отворени прашања меѓу земјите во овој дел на Европа. Сега, повеќе од кога било, евроатлантската и ЕУ интеграцијата на регионот треба да се гледа како алатка за подобрување на безбедноста и консолидирање на стабилноста на овој дел од Европа и пошироко. Целосно интегрираниот Западен Балкан ќе ја направи Европа посилна, смета Петровска.
На маргините на Форумот, како што информираа ресорното Министерство, Петровска остварила средба со директорот на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“, пензионираниот генерал Баре Сегуин, на која била потенцирана важноста на интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ, со цел зајакнување на стабилноста на Европа. Но, и заедничко спротивставување на безбедносните предизвици кои во моментов најчесто се последица на дезинформациите, хибридните закани и сајбер нападите од страна на трети земји.
Безбедносниот форум, кој од саботата до денеска се одржуваше во Охрид на тема „Улогата на НАТО во проектирањето на стабилноста на Западен Балкан“ е спонзориран од Алумни програмите на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“, алумни асоцијацијата на Маршал центарот на Северна Македонија и НАТО - Одделот за јавна дипломатија, чија цел е размена на искуства и идеи за зголемена безбедност и сигурност на регионот и пошироко. сс/лв/