• вторник, 26 ноември 2024

Петрески: Во иднина мерките треба да бидат насочени кон подолгорочна и поголема одржливост на нашата економија

Петрески: Во иднина мерките треба да бидат насочени кон подолгорочна и поголема одржливост на нашата економија

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Пакетот мерки за справување со енергетската криза тежи 760 милиони евра од кои 90 проценти се однесуваат на справување со енергетската криза, а само седум проценти одат во делот на справување со храна, покажуваат резултатите од мапирањето на мерките што го спроведе Фајнанс тинк.

-Од вкупниот износ 12,6 проценти е наменет за поддршка на ранливите домаќинства кои во еден дел се и таргетирани мерки за најранливите. Најзначајна мерка беше мерката за субвенционирање на електричната и топлинската енергија. Резултатите покажаа дека куповната моќ не граѓаните беше заштитена и доколку не беа овие мерки нивната куповна моќ ќе беше драстично позагрозена, изјави Благица Петрески од Фајнанс тинк пред почетокот на Економскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“.

Таа нагласи дека мерките можеа да бидат подобро дизајнирани во поглед на нивната линеарност.

-Мерките во голема мера беа линеарни и заштитуваа и домаќинства кои можеа да ја издржат кризата. Во иднина очекувам мерките да бидат повеќе во насока на таргетираност и тоа да се направи во еден дел и со ДДВ-то кое беше намалено од 18 на 5 отсто, но повторно се врати, рече Петрески.

Во делот на храната, како што кажа, компаниите беа значајно погодени од порастот на увозните суровини за 20 до 50 отсто ако се има предвид дека преку 50 отсто од суровините се увезуваат.

-Тоа упатува дека во иднина мерките треба да бидат насочени кон подолгорочна и поголема одржливост на нашата економија преку таргетирање и инвестирање во домашно производство на храна и суровини. Пропратно со тоа треба да биде продолжена иницијативата за домашно производство на електрична енергија и паралелно со тоа инвестиции во системот за апсорпција на домашното производство на електрична енергија, рече Петрески и додаде дека со мерките беше поттикнато домашното производство на електрична енергија.

За зголемувањето на стапката на ДДВ за прехранбените производи од 5 на 10 отсто рече дека се уште не ја погледнала листата на производи за кои важи тоа и додаде дека покачувањето ќе има свое влијание и врз цените доколку на листата има производи за широка потрошувачка и производи кои масовно се конзумираат на дневна основа од граѓаните.

-Затоа треба да се ревидираат стапките и исклучиво да биде ДДВ-то 10 проценти само за оние луксузни прехранбени производи кои или се купуваат од мал број граѓани или се конзумираат ретко. Во спротивно одлуката за зголемување на ДДВ-то ќе се коси со намерата за замрзнување на цените и справување со домашните извори на пораст на цените, потенцира Петрески и додаде дека ДДВ-то треба да биде 5 отсто за сите производи кои се за широка потрошувачка и се конзумираат на дневна основа. вј/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан