• вторник, 24 декември 2024

Пентагон: Талибанците и натаму имаат блиски врски со Ал Каеда

Пентагон: Талибанците и натаму имаат блиски врски со Ал Каеда
Вашингтон, 2 јули 2020 (МИА) - Терористичката организација Ал Каеда ги сочувала „блиските врски“ со Талибанците во Авганистан и во нејзин интерес е да ги напаѓаат западните сили во регионот, соопшти Пентагон. Талибанците во февруари, кога го потпишаа договор со Соединетите Американски Држави, се обврзаа да ја спречат Ал Каеда да го користи Авганистан како засолниште или место за извршување напади.
Сепак, Талибанците продолжиле да соработуваат со регионалниот огранок на Ал Каеда, кој беше одговорен за терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година, се наведува во извештајот на американското Министерство за одбрана.
„Тој огранок на Ал Каеда и натаму ги поддржува и соработува со талибанските борци со цел да ги ослабне авганистанските власти и во нејзин долгорочен интерес се напади врз американски и западни сили во регионот“, се наведува во шестмесечниот извештај на Пентагон објавен на барање на Конгресот.
Вашингтон и Талибанците потпишаа договор во Доха кон крајот на февруари кој Владата во Кабул не го ратификуваше. Договорот предвидува заминување на странските сили од Авганистан до мај 2021 година. За возврат, бунтовниците треба да и дадат безбедносни гаранции на авганистанската Влада и се обврзаа на преговори. паг/
   

Остани поврзан