• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Бугарските барања излегуваат надвор од параметрите на договорот од 2017 година

Пендаровски: Бугарските барања излегуваат надвор од параметрите на договорот од 2017 година
Скопје, 18 декември 2020 (МИА) – Сите мислевме дека со тие забелешки на преговарачката рамка ќе можеме да ги почнеме преговорите, но тоа не се случи. Очигледно Бугарија ја научи лекцијата од Грција од пред десетина години, дека ако не блокира сега, нема кога, изјави вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски во гостувањето на телевизија Канал 5. Не би сакал, нагласи Пендаровски, да станеме неславни рекордери во чекалната, меѓутоа најтешката работа е првото вето, односно да ги убедиш другите дека нема да дадеш согласност, потоа според аналитичарите е полесно да го одржуваш. Минатата година, посочи Пендаровски, реков дека бугарската страна полека почна да ја политизира работата во Комисијата и почнаа да наметнуваат рокови до кога треба да се заврши нешто, што почна да станува симптоматично. - Да појаснам, што бара Бугарија. Значи, првата реченица би била современиот македонски јазик е кодификуван 1945 година. Второ, тие велат овој јазик не го признаваме како таков. За нас бил и ќе биде официјален јазик на Република Северна Македонија. Точка три, бараме и ЕУ во сите свои документи од кога државата станува кандидат и преговара, па и кога ќе стане полноправна членка, се што е документ меѓу ЕУ и Република Северна Македонија да не постои формулација македонски јазик. И бараат да се произнесе, прво да се утврди во историската комисија, па подоцна да се стави во нашите учебници дека до 1945 македонскиот јазик бил западен дијалект на бугарскиот јазик. Тоа е, во однос на народите идентична е формулацијата, изјави Пендаровски. Според Пендаровски, претходно немало никаква најава од Бугарија дека ќе излезе надвор од Договорот од 2017 година, во кој формулацијата за јазикот е препишана од Декларцијата 1999 година меѓу Костов и Љупчо Георгиевски. - Реакциите до пред некој месец, ниту еден висок бугарски политичар не велеше „или ќе напишете вака за јазикот, или нема напред према Европа“. Борисов тој договор го сметаше за свој голем политички успех. Тој во ниту еден момент не рече, ова е привремено решение, а кога ќе треба стварно да влегувате ќе видиме што ќе правиме. Дополнително таа работа се усложни со тоа што тие имаат избори во март. Овие ставови и на власта и на опозицијата во Бугарија немаат контакт со Договорот што го потпишавме во 2017 година. Таму се заоструваше реториката и ова што е сега не е. Бугарските барања последните месеци излегуваат надвор од параметрите од билатералниот договор. Неспорно е тоа, рече Пендаровски. Нагласи, дека 2017, 18 и 19 нема ниту најава дека Бугарија ќе оди во оваа насока и ќе го напуша договореното. Обелодени дека било предложено во Комисијата како експерти да бидат вклучени германски стручњаци кои би помогнале како трета страна, но оти тоа било одбиено од страна на Бугарија. - Јас тврдам дека овој формат во кој само бугарски и само македонски историчари седат нема да продуцираат добри резултати. Се додека не се приклучи барем трета страна која ќе има статус на консултант, нема да има напредок. Ние имаме и дадено предлог за да се вклучат двајца експерти од Германија, но тоа беше офрлено од Бугарија, изјави Пендаровски. Ние имаме договор и додека не договориме формулации во него што ќе правиме, рече Пендаровски, не треба да има менување ниту на учебници, ниту на споменици. - Прво ние можеме нешто да вметнеме во нашите читанки откако историските комисии ќе постигнат договор. Пред тоа да се парафира од двете страни, ние не можеме тоа да го правиме и да менуваме плочи, нагласи Пендаровски. Истакна дека од наша страна ќе продолжи имплементацијата на Договорот. - Да нема илузии во јавноста. Нема друг начин да влезе во ЕУ ако не го реализираме Договорот со Бугарија и тоа е нашата намера да го правиме. Да продолжиме во сите делови, нагласи Пендаровски. Во однос на Чешка и Словачка кои не се согласија со заклучоците за проширувањето, Пендаровски рече дека се слушнал со двајцата амбасадори и изразил огромна благодарност. - Чешка и Словачка рекоа што рекоа и го блокираа целиот заклучок. Почетниот предлог беше на Германија, сето тоа се случува внатре во ЕУ, ние не сме играчи таму. Германскиот предлог оди, нас не не прашуваат дали не прашиваат. Да појаснам, зошто Словачка става вето на ова. Пред неколку дена во бугарското Собрание се изгласа декларација со која Свети Кирил и Методиј се прогласуваат пред се за бугарски просветители, па дури потоа евентуално за сесловенски. Во преамбулата на словачкиот Устав тие кажуваат како е направена таа држава и врз кои цивилизациски вредности предпочива и тие одеднаш со став на ЕУ во целина, не можеш мене, да ми кажуваш како мојата држава сме ја направиле. Тоа не е твоја работа. Имаа принципиелен став. Вчера разговарав со двајцата амабсадори и им изразив огромна благодарност, но тоа е пред се и над се одбрана на нивните национални интереси, рече Пендаровски. Во однос на Русија и зошто не реагираат, Пендаровски рече дека тоа е бидејќи не се членки, но дека секогаш јасно посочуваат дека станува збор за македонски народ, македонски јазик и нема спор во тој дел. - Ако ги следите соопштенијата на руската Амбасада, кои доаѓаат по инструкција од Москва, тие во однос на некои битни одредници за македонската нација, вклучително и јазикот тие имаат јасни ставови. Кога беше 8-ми Септември и подоцна, секогаш се произнесуваат по однос на тие битни маркери на македонскиот идентитет долж оваа линија, која е општо прифатена и историски потврдена, изајви Пендаровски. Во една формулација, посочи Пендаровски, имаше чиста формуалција за 1941-45 што се случувало и кој против кого се борел и дека овде не станувало збор за администрација, туку за окупација. aa/бак/

Остани поврзан