Панајотопулос: Околу 7.000 лица лани биле депортирани од Грција или доброволно вратени во нивните земји
- Минатата година околу 7.000 лица кои не добиле азил во Грција биле депортирани или доброволно вратени во нивните земји, додека пак од јануари биле вратени над 500 лица, соопшти денеска министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 19 февруари 2025 (МИА) – Минатата година околу 7.000 лица кои не добиле азил во Грција биле депортирани или доброволно вратени во нивните земји, додека пак од јануари биле вратени над 500 лица, соопшти денеска министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос, јави дописничката на МИА од Атина.
Панајотопулос беше во посета на автономната единица за азил и на центарот за притвор на странски државјани пред нивното заминување од Грција, што се наоѓаат во близина на Атина, од каде што најави забрзување на враќањето во земјите на потекло на нелегалните мигранти, чии барања за азил се одбиени и ја повтори посветеноста на грчката Влада за зајакнување на системот за враќање, со цел зголемување на безбедноста и ефикасноста на процесот за азил.
-Враќањата отсекогаш биле основен елемент на нашето планирање, нешто што се потврдува и со официјалните податоци. Грција е на четврто место во Европа по бројот на вратени одбиени баратели на азил, нагласи министерот и посочи дека во текот на претходната година биле вратени приближно 7.000 луѓе или преку депортација или преку доброволно враќање, а од јануари и првите денови на февруари, вратени се над 500 луѓе и како што рече „процесот продолжува“.
Паралелно се осврна на безбедноста како главен приоритет за Грција и Европа, потенцирајќи дека „за безбедноста не може да се преговара“ и дека сите европски земји се согласни „дека е потребен нов пристап за враќањата, азилот и заштитата на границите, а Грција е предводник“.
- Интензивирањето на европската дискусија за враќањата веќе е приоритет. Грција го предводи овој напор. Очекуваме одлука на европско ниво за зајакнување на рамката за враќање, истакна Панајотопулос. ср/рп/
Фото: Министерство за миграција и азил на Грција