• петок, 08 ноември 2024

Паметно земјоделство - зелена револуција на денешницата

Паметно земјоделство - зелена револуција на денешницата
Скопје, 30 октомври 2022 (МИА) - Во 1960 година се започнати истражувачките иницијативи кои резултираа со усвојување на нови технологии за високоприносни сорти на житни култури, употреба на вештачки ѓубрива, хемиски средства за заштита, наводнување и механизација, што претставува првата зелена револуција, потоа следува генетската револуција со првите успешни манипулации на ДНК и создавање на генетски модифицирани култури во 1970, а денес новата зелена револуција е создадена од таканареченото „паметно“ земјоделство. Како и во сите сфери, така и во земјоделството во текот на последните години континуирано се работи на усовршување на дигиталното производство на земјоделски производи, со што за разлика од традиционалниот начин на работење, во огромен процент се намалуваат ризиците од надворешни влијание. „Паметното“ земјоделство се однесува на употреба на информатички технологии, сензори, системи за локација, роботи и вештачка интелигенција, а неговата крајна цел е зголемување на приносот на културите и квалитетот на производот, со оптимизирање на природните ресурси и човечки труд во земјоделското производство. Тоа се карактеризира со користење на технологии како сензори за температура, светлина, вода, влага и почва, автоматизирано управување и контрола на климата во заштитен простор, прецизно наводнување и прецизна исхрана на растенијата, системи за локација, комуникациски системи, базирани на мобилна врски, софтверски платформи за аналитика и оптимизација, како и користење на роботи. Врската помеѓу сите овие технологии е интернетот, што се користи како механизам за поврзување помеѓу сензорите и машините, што резултира со комплексен систем кој управува со земјоделското производство врз основа на добиените податоци. Земјоделците можат да ги следат процесите на нивните површини и да донесуваат одлуки и да преземаат активности и одлуки од далечина преку паметни уреди. При користење на паметното земјоделство се случуваат процеси како собирање на податоци – со сензорите на одредени критични места на површината кои собираат и пренесуваат податоци за почвата, воздухот, штетници, болести, се врши дијагностика - анализа на собраните податоци од софтвер за статусот на тоа што се следи и идентификација на потенцијалните проблеми и се донесуваат одлуки - врз основа на поставена дијагноза, односно идентификуваниот проблем. Врз основа на резултатите од процесите се носат одлуки за следните активности, кои се во согласност со анализите. Паметно земјоделство значи висока прецизност и постојана контрола што значи заштеда на вода, енергија, ѓубрива, време потрошено за менаџмент и работна рака. Со паметното земјоделство може да се заштеди до 85 проценти од потрошувачката на вода и до 50 отсто од потрошувачката на енергија. Употреба на паметното земјоделство може да го зголеми приносот на културите до 40 отсто, ги намалува трошоците за употреба на вештачки ѓубрива и средства за заштита и ја минимизира можноста на загуби предизвикани од човечки фактор. Професорката Фиданка Трајкова од Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип, за МИА посочи дека нашите земјоделци веќе го применуваат „паметното“ земјоделство во нивното работење. Таа нагласи дека постојат позитивни примери во нашата земја и дека со таквото работење во иднина многу ќе се усоврши и олесни работата на земјоделците. Во однос на следењето на ваквиот иновативен систем на работа кај нас, професорката оцени дека е потребен соодветен кадар и интередисциплинарни образовни програми, силни врски помеѓу образованието, науката и стопанството, како и поволна бизнис клима и стимулирање на иновативни технологии во земјоделството. - Ние имаме примена на паметно земјоделство и кај нас има поголем број на фирми коишто го користат.  Најобичните земјоделци го користат системот капка по капка, каде што заедно пуштаат вода и хранливи материи на растението, но поентата е дека кога ќе имаме ние паметно земјоделство во целост тоа ќе биде регулирано со помош на софтвери. Постојат повеќе компании, посебно во производството на зеленчук, целото производство им е базирано на таква технологија, имаат „соби“, така да ги наречеме, каде што ги подготвуваат тие хранливи раствори, се прави дозирање и по одреден систем се пушта до растенијата. Тоа не е нешто за кое ние првпат зборуваме тука, а паметното земјоделство е чекор нагоре. Значи да ја регулирате и климата во оранжериите со помош на сензори, влагата, мерење и така натаму и тоа да биде целосно оптимизирано и компаниите сами тоа ќе си го воведат, рече Трајкова. Професорката нагласи дека тоа веќе постои на пазарот како можност и дава резултати како поголема продуктивност, помала употреба на репроматеријали и на импути, а со тоа се доаѓа до поголема заработка или ширење на бизнисот. - Кога станува збор за производство во заштитен простор без разлика дали е „смарт“ или „несмрт“, тоа е предноста на заштитениот простор, се мисли на оранжерии, пластеници и така натаму и тука нормално ризикот е многу помал, но кога зборуваме за најсовремени модерни оранжерии каде што имаме регулирање и на внатрешната клима, тогаш тие грешки, односно тие ризици од надворешно влијание, се навистина сведени на минимум. Повеќе имате ризик дали ќе се направи некаква грешка во сетирањето на целиот тој процес, отколку на надворешно влијание, но тоа значи дека трошите енергија за загревање, за ладење и така натаму и е поврзано со енергетски фактор, објасни Трајкова. Професорката истакна дека ковид-кризата и војната во Украина покажале колку ние треба да работиме на користење и на развивање на сопствени ресурси, потенцирајќи дека светот се уште „не е на патот“ да постигне нула гладни до 2030 година. Во однос на тоа дека сме држава со многу обработлива и плодна почва, која за жал недоволно се користи и покрај недостигот на храна, професорката како проблеми ги детектира миграцијата на луѓето од руралната во урбаната средина, недоволното пренесување на знаење од генерација на генерација, како и неповолната инфраструктура во руралните средини. - Земјоделството е вештина којашто се учи, тоа не е дека вие едно утро ќе се разбудите и ќе кажете еве јас од денес ќе бидам земјоделец. Кога зборуваме за сериозно земјоделие, па дури и за една обична бавча, треба да имате знаење за тоа да го работите. Има едни интересни статистики дека целата урбана популација на земјината топка живее на два проценти од целата копнена површина на Земјата, а остатокот треба да ја нахрани. Во моментот некаде сме пола-пола, половина живееме во урбани средини, а половина од популацијата живее во рурални средини, со тенденција да се движи, значи заминувањето од руралните средини во градски средини значи губење на вештини коишто се пренесуваат - пренесување на знаења и вештини, бидејќи сето тоа не го пишува во книгите, па дури и да пишува, како вештина тоа се развива, ние на тој начин неповратно губиме одредени вештини, потенцираше професорката. Таа оцени дека за повеќе да се развие земјоделството во руралните средини и да се намали миграцијата потребни се развојни политики и подобрена инфраструктура. - Гледаме во помалите општини, кои се селски општини, ние се уште зборуваме дали улиците се асфалтираат, дали има канализација, дали има водовод и сето тоа придонесува луѓето да заминуваат, не заради тоа што не го сакаат местото, туку затоа што бараат подобри услови за живот. Не подалеку, еве во регионот, ако отидете во Словенија ако ги погледнете нивните села и нивната конекција со поголемите градови или поголемите населени места е просто фасцинантно, како може да функционира и Словенците веќе зборуваат за проекти паметни села, истакна Трајкова. Кризата со ковид пандемијата, како и кризата создадена поради руската инвазија во Украина го принудија светот се повеќе да се осврне кон основните потреби на луѓето,  производството на храна. Северна Македонија како сиромашна земја, која поседува огромна површина на обработлива и плодна почва, со употреба на новите иновации кои го карактеризираат „паметното“ земјоделство може многу да придонесе за подобрување на економијата и ублажување на моменталната состојба, како и на долг рок, за подобрување во стандардот во земјата. Симона Митровска 

Остани поврзан