• четврток, 07 ноември 2024

Пакистан: Уапсен е заменик-претседателот на радикалната партија под сомнение дека го наредил убиството на главниот судија

Пакистан: Уапсен е заменик-претседателот на радикалната партија под сомнение дека го наредил убиството на главниот судија

Лахоре, 29 јули 2024 (МИА) - Пакистанската полиција денеска го уапси заменик-шефот на радикалната исламистичка партија Захерул Хасан Шах под обвинение дека наредил убиство на главниот судија на Врховниот суд Кази Фаез Есa, поради неговата наводна поддршка за малцинска исламска Ахмади заедница.

Официјални лица во изјавата рекоа дека Захерул Хасан Шах бил уапсен еден ден откако видеото станало вирално на социјалните мрежи, на кое се гледа како на собирот на неговите поддржувачи од пакистанската партија Терек-е-Лабаик кажува дека тој лично ќе даде 10 милиони рупии (33.000 евра) на секој што ќе го обезглави Кази Фаез Есa, главен судија на Врховниот суд.

Еса беше цел на критики од екстремистите во Пакистан во последниве месеци, откако му одобри кауција на осомничениот за богохулење Ахмади. Во 1974 година, пакистанскиот парламент ги прогласи Ахмадиите за немуслимани. Оттогаш, тие постојано беа мета на исламските екстремисти, што наиде на осуда од домашните и меѓународните групи за човекови права.

Високиот полицаец Захир Ашгар изјави за новинарите дека Шах бил уапсен во Окара, град во источната провинција Пенџаб. Тој рече дека е отворен случај против Шах под обвинение дека се заканил дека ќе го убие Еса и ги поттикнувал луѓето на насилство.

Партијата на Шах стои зад насилните протести против какви било промени во пакистанските строги закони за богохулење, кои предвидуваат дури и смртна казна.

Минатата недела комисија од независни експерти поддржана од ОН изрази сериозна загриженост за зголемената дискриминација и насилство врз малцинската заедница Ахмади во Пакистан и ги повика властите да обезбедат нивна заштита. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан