• понеделник, 23 декември 2024

Пад на обемот на градежништвото во ЕУ во мај  

Пад на обемот на градежништвото во ЕУ во мај  

Брисел, 18 јули 2024 (МИА) – Градежниот сектор во ЕУ во мај годинава бележи пад од 1,0 отсто споредено со претходниот месец, додека во Еврозоната се намали за 0,9 проценти, соопшти денеска Европската статистичка служба - Евростат. 

Во април 2024 обемот на градежништвото на Еврозоната на месечно ниво се намали за 0,4 отсто, а на ниво на цела ЕУ остана непроменето.  

На годинашно ниво, пак, градежниот сектор во ЕУ во мај забележа пад од 2,5 проценти, а во Еврозоната од 2,4 отсто. 

Во делот на изградбата на објекти обемот на ниво на ЕУ во мај на месечно ниво е намален за 0,9 отсто, во нискоградбата за 1,5, а во специјализираните градежни активности за 1,0 процент. Во Еврозоната изградбата на објекти бележи пад за 1,0 отсто, нискоградбата за 0,6, а специјализираните градежни активности за 1,1 проценти. 

Гледано по држави најголем пад на месечно ниво бележи градежништвото во Чешка од 5,1 отсто, по што следуваат Романија со намалување од 4,1 проценти и Унгарија со пад од 3,8 отсто. Од друга страна, најголем раст од 1,9 проценти бележи градежниот сектор во Финска, пред Бугарија со 1,1 и Белгија и Шпанија со зголемување од по 0,3 отсто. 

Во мај годинава споредено со истиот месец лани изградбата на објекти во ЕУ бележи пад за 4,8 проценти, на нискоградбата за 0,8 отсто, а на специјализираните градежни активности за 1,9 проценти. Во Еврозоната на годишно ниво мајската изградба на објекти исто така е намалена за 4,8 отсто, а на специјализираните градежни активности за 1,8 проценти, додека нискоградбата бележи раст од 0,4 отсто. 

По земји на годишно ниво најголем пад на обемот на градежништвото има во Шведска од 7,5 проценти, пред Словенија од 7,4% и Германија од  7,0 отсто. Унгарија, пак, бележи најголем раст на годишно ниво од Унгарија 7,3 проценти, пред Бугарија од 4,4 и Данска од 1,1 отсто. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан