Отпуштени помошниците на специјалниот обвинител кои работеа на федералните обвиненија против Трамп
- Џејмс Мекхенри, вршител на должноста главен обвинител, отпушти синоќа повеќе од десетина обвинители, правници од кариера кои му помагаа на специјалниот обвинител Џек Смит во истрагите за двете федерални обвиненија против Доналд Трамп.
Вашингтон, 28 јануари 2025 (МИА) - Џејмс Мекхенри, вршител на должноста главен обвинител, отпушти синоќа повеќе од десетина обвинители, правници од кариера кои му помагаа на специјалниот обвинител Џек Смит во истрагите за двете федерални обвиненија против Доналд Трамп.
Во образложението се наведува дека отпуштените обвинители ја изгубиле довербата да вршат служба во Министерството за правда. Други функционери се распоредени на други места додека администрацијата презема подиректна контрола врз министерството.
Поранешни високи функционери за Њујорк тајмс коментираа дека отпуштањата биле „грубо нарушување на добро утврдени закони наменети да се сочува интегритетот и професионализмот на владините агенции“.
-Уште повпечатливо е тоа што ваков значаен и агресивен чекор е инициран од малку познат вршител на должност јавен обвинител кој работи во име на претседател со јавно изразена желба за одмазда и со мал број советници со авторитет или наклонетост да го натераат да се воздржи, изјавија функционерите.
Министерството не ги објави имињата на отпуштените обвинители.
Лице кое работело со членови од тимот на Смит рече дека многу од отпуштањата изгледаат како насочени кон правници од кариера и дека најверојатно се прекршени правилата за заштитите на државни службеници кои не се назначени со политичка одлука, наведува весникот.
Смит си даде оставка од позицијата специјален обвинител уште пред инаугурацијата на Трамп.
Претседателот на САД претходно направи уште една чистка и тоа на десетина генарални инспектори кои во владата на САД работат како ревизори и вршат инспекции за потецијални нарушувања, злоупотреби, измами или незаконски трошоци и од своите наоди објавуваат редовни извештаи. кб/