• сабота, 23 ноември 2024

Отворен прв младински хостел со уникатна рурална туристичка понуда за Кратово

Отворен прв младински хостел со уникатна рурална туристичка понуда за Кратово

Крива Паланка, 21 мај 2024 (МИА) – Кратово неодамна доби младински хостел кој беше опремен со проектот што го реализира средното општинско училиште „Митко Пенџуклиски“ – „Рурален туризам, нова перспектива за младинска мобилност“. Хостелот располага со капацитет за 12 гости, ресторан и конференциска сала.

Проектот е финансиран од Европската унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Србија и Северна Македонија.

- Овој проект се имплементира во партнерство помеѓу нашето училиште, средно училиште „Светозар Крстиќ-Тоза“ од Вучје, Лесковац и здружението „Limitless“ од Белград, со поддршка од Општина Кратово. Покрај опремувањето на хостелот, набавена е и опрема за алтернативен туризам во рурални средини: велосипеди, кајаци, шатори со целосна потребна опрема. Идејата на целиот проект е да се направи интеграција на туристичките потенцијали во Кратово, да се зголеми сместувачкиот капацитет и да се продолжи престојот на туристите, пред сè младите, да имаат исполнето време во Кратово, информира Младен Мицевски, професор по угостителство и туризам во СОУ Митко Пенџуклиски, Кратово.

Креиран е петдневен аранжман за млади со користење на потенцијалите за туризам во Кратово.

- Први гости на хостелот беа ученици и професори од партнерското училиште од Вучје, Србија, кои го тестираа новиот туристички производ на Кратово: едукативен туризам со работилници за културата на Кратово, изработка на сувенири од дрво и глинени садови, едукација за безбедно движење во природа, за флората и фауната во овој крај. Културен туризам со разглед на културните и природни споменици на Кратово, подготовка на традиционални кратовски јадења, подготовка на кратовска к’цана сол, рекреативен туризам со кардио велосипедска тура до селото Горно Кратово до каде се вози низ длабоко всечената клисура во карпите на Табачка река и посета на малите водопади на Латишница, како и вулканските бомби во село Горно Кратово, кампување покрај Крива Река во село Куклица, посета на Камените кукли, кајакарење на браната „Гратче“ во Кочани. Неодминлив е и манифестацискискиот туризам, посета на Мултимедијален центар и кино вечер со проекција на филмови во хостел и волонтерски туризам, преку учество во националната еколошка акција за расчистување, при што беше исчистен делот погоден за кампување покрај Крива Река, засадивме дрвца на локалитет Стара Мусала и покренавме иницијатива за „Парк на пријателството“, каде секој турист-добронамерник би можел да засади дрво, додава Мицевски.

Лидери на овој угостителски – туристички производ се учениците од секторот угостителство и туризам кои под менторство на професорите Мицевски и професорката Драгана Андреева-Јакимова промовирале гостопримство и одличен угостителски пречек на гостите во хостелот, со пружање туристички услуги во општината.

- Училиштето е во процедура да развие компанија во која самите ученици ќе можат да ги даваат овие услуги и на тој начин да ги зацврстуваат своите вештини и способности, рече професорката Андреева-Јакимова.

Партнери во промотивната реализација на аранжманот се повеќе локални институции и здруженија: Музеј на град Кратово, Дом на култура „Лазар Софијанов“, Општина Кратово, планинарско-спортски клуб „Остри врв“, Етно куќа „Шанчева“, „Генезис Ресурсис Интернешнл“, ученичката Дора Ефремова, „Дрварчето“ на Љупка Мијалковска и семејството Мијалкови од Кратово.

- Истиот концепт го имаат и партнерите од Вучје, така што идејата е да се поврзат двата аранжмани во еден и да се зацврсти пограничниот рурален туризам со нудење на единствен аранжман за двете места, посочи Андреева-Јакимова. ид/ир

Остани поврзан