• среда, 21 август 2024

Отворен Ден за граѓаните во касарните во Скопје, Штип и Тетово по повод Денот на НАТО

Отворен Ден за граѓаните во касарните во Скопје, Штип и Тетово по повод Денот на НАТО

Скопје, 4 април 2023 (МИА) - По повод Денот на НАТО, како дел од активностите со кои се одбележуваат три години од нашето полноправно членство во Алијансата, голем број граѓани денеска имаа можност да ги посетат касарните „Илинден“ во Скопје, „Јане Сандански“ во Штип и „Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово.

На отворениот ден, пред посетителите биле прикажани дел од средствата и опремата, како и воено-показни вежби, што се дел од обуката на единиците стационирани во наведените касарни. Присутните имале можност преку директна комуникација со армиските припадници да се запознаат со вооружувањето, опремата и обученоста на припадниците на Армијата.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска присуствувала на активностите во касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде заедно со големиот број граѓани ги проследила активностите организирани од страна на вториот пешадиски баталјон, како и приказот на средствата меѓу кои се и лесните оклопни возила “JLTV Oshkosh”, за кои имало голем интерес од страна на присутните.

- Приказот на средствата и обученоста особено предизвикаа интерес кај младите, кои ги имаше во најголем број и на кои воената професија и можностите кои таа ги нуди, како дел од семејството на НАТО, на дел од нив можеби ќе им биде нивна понатамошна определба. Денешната активност е дел од цивилно-воената соработка на Армијата на Република Северна Македонија со која традиционално пред граѓаните транспарентно се прикажуваат активностите, опремата и средствата кои се дел од процесот на модернизација, преку овозможување на непосреден пристап на сите заинтересирани, особено при одбележување на значајни датуми, се наведува во соопштението од Канцеларијата за односи со јавноста во Генералштабот на Армијата. цр/нд/

Фото: МО - Генералштаб на Армијата

Остани поврзан