• сабота, 21 декември 2024

Османи: Централното претседателство на ДУИ денеска ќе одлучува за следните чекори

Османи: Централното претседателство на ДУИ денеска ќе одлучува за следните чекори

Скопје, 9 декември 2024 (МИА) - Централното претседателство на Демократската унија за интеграции, денеска ќе одржи состанок на којшто ќе одлучува за следните чекори, информираше за МИА потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, откако вчера ја започнаа иницијативата „Стража на јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд до одржување на седницата за Законот за употреба на јазиците.

- До 11 декември сигурно остануваме, а за понатаму дополнително ќе се решава. Денеска има состанок на Централното претседателство, има и координација на лидерите од Европскиот фронт каде што ќе се одлучува за следните чекори, рече Османи.

Како што посочи Османи, повикот за „Стража на јазикот“ значи одбрана на мултиетничка Северна Македонија, бидејќи, како што рече, ова не е само кауза на Албанците.

— Повикот за одбрана на јазикот е до сите, меѓутоа не само на јазикот, туку ова е повик за стража на мултиетничка, демократска и европска Северна Македонија, така што ова не е само кауза на Албанците, овде очекувам секој човек од добра волја, којшто смета дека требаше досега да ги надминеме прашањата кои што се однесуваат на основните права на етничките заедници и да градиме држава и општество кое што цели кон Европската унија, но, за жал, ретроградни сили се обидуваат да не вратат назад, предизвикувајќи го најсветото за граѓаните, рече Османи.

Според него, Уставниот суд извршува наредби од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која, како што рече, во партиската програма има забрана за етничка припадност.

– Жал ми е што како земја кандидат за членство во Европската унија имаме Уставен суд којшто нарачува партиска програма, знаете дека одлуката да се забрани етничката припадност е пишано во програмата на ВМРО-ДПМНЕ и се реализира со наредба на партијата преку Уставен суд, рече Османи. ра/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан