Османи: Владата која што доаѓа нема одговорност кон Преспанскиот договор, но има обврска да го почитува
- Преспанскиот договор е многу повеќе од само договор за името. Тоа е договор за стратешко партнерство. Столбот на грчките обврски од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО и Европската интеграција. Владата која што доаѓа нема никаква обврска, никаква одговорност по однос на Преспанскиот договор. Тие не го изгласале, не го поддржувале, меѓутоа имаат обврска да го почитуваат. Тоа е државнички однос, порача денеска министерот за надворешни работи и актуелниот претседавач на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Бујар Османи.
Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Преспанскиот договор е многу повеќе од само договор за името. Тоа е договор за стратешко партнерство. Столбот на грчките обврски од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО и европската интеграција. Владата која што доаѓа нема никаква обврска, никаква одговорност по однос на Преспанскиот договор. Тие не го изгласале, не го поддржувале, меѓутоа имаат обврска да го почитуваат. Тоа е државнички однос, порача денеска министерот за надворешни работи и актуелниот претседавач на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Бујар Османи.
Османи, денеска одговорајќи на новинарски прашања во врска со Преспанскиот договор, по заедничката прес-конференција со идниот претседавач на Процесот, во рамките на состанокот на министрите за надворешни работи, потврди дека имал состанок со заменик министерката за надворешни работи на Грција на билатерално ниво, а утринава имал и телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис.
-Со Герапетритис разговаравме за посветеноста на двете држави не само за имплементација на договорите, туку и поддршката што официјална Атина ја дава на евроатлантската интеграција, односно европската интеграција на Северна Македонија. Имавме добар, конструктивен разговор во кој што разменивме ставови дека е многу важна регионалната соработка, добрососедските односи, продолжување на секторската соработка и ставот дека сепак Преспанскиот договор е многу повеќе од само договор за името. Тоа, се разбира е стожерот, но е договор за стратешко партнерство. Денес Грција го контролира нашето небо како дел од аранжманот преку НАТО заедно со Италија, рече Османи.
Тој додаде дека разговарале и за останатите обврски кои двете држави ги имаат по однос на Преспанскиот договор и изразиле надеж дека и понатаму ќе продолжи продлабочувањето на стратешкото партнерство, преку подобра регионална доверба.
Османи изрази надеж дека владата која што доаѓа исто така ќе ги почитува обврските од меѓународните договори на реципрочна основа.
Според Османи, не е коректна констатацијата дека Грција нема исполнето ништо од Преспанскиот договор. Како што подвлече, столбот на грчките обврски од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО и европската интеграција. Тој е на ставот дека Северна Македонија денеска е членка на НАТО, заради тоа што Грција ја исполни својата обврска од Преспанскиот договор.
Тоа, посочи, е суштината на грчката обврска, додека протоколите се прашања кои се останати во нивниот Парламент, како што е останат нашиот Закон за МАНУ, Закон за МРТ и други прашања поврзани со имплементација на името.
-Ние разговараме за тие аспекти. Тие да ги поминат своите закони, ние да ги поминеме нашите закони, но суштината двете страни ја имаат исполнето, Грција - евроаталтската интеграција, Северна Македонија - прашањето на уставните измени и имплементација на името. За мене како претставник на Влада ми е важно дека двете страни суштинските аспекти од Преспанскиот договор ги имаат исполнето, и се надевам дека и останатите обврски ќе ги почитуваат и тие не смеат да бидат пречка за имплементација на договорот за стратешко партнерство, рече Османи.
Тој порача оти се надева дека во добра атмосфера ќе се имплементираат и последните обврски кои се останати во двата Парламента.
Османи посочи дека во собранијата на двете држави, двете влади ќе работат за потикнување на консензус за усвојување на тие закони. Меѓутоа, овие останати прашања не смеат да ни бидат на прва линија во односите на Грција.
-Ние сме членка на НАТО заради грчката поддршка и ЕУ. Тоа ако се загрози, тогаш ќе биде сериозно кршење на обврската на Грција на Преспанскиот договор и би имало сериозна реакција, рече Османи.
Прашан дали постои можна најава за идно вето од страна на Грција, Османи одговори дека не постои таква можност и дека двете страни изразија надеж оти ќе се почитуваат обврските.
На новинарско прашање што би се случило доколку идниот премиер продолжи да не го користи уставното име, Османи рече дека според најавите, не очекува да има прекршување на договорот.
-Не би сакал да прејудицирам, ќе чекаме недела дена, ќе видиме. Според најавите, не очекувам дека ќе има прекршување. Се разбира, не е објаснување дека говорно ќе се спомене друго име, а пишано другото име. Нема такво објаснување во меѓународното право, но очекувам дека е тоа само транзиција за да се подготви јавноста. Ние охрабруваме да се почитува Преспанскот договор. Тие немаат никаква обврска, никаква одговорност по однос на Преспанскиот договор, не го изгласале, не го поддржувале, меѓутоа имаат обврска да го почитуваат. Тоа е државнички однос, додаде Османи. бт/ац/
Фото: МИА