• сабота, 23 ноември 2024

Општина Охрид планира реализација на проектот за каптажа на водата од Свињишките извори

Општина Охрид планира реализација на проектот за каптажа на водата од Свињишките извори

Охрид, 1 ноември 2024 (МИА) – Општина Охрид планира на следниот владин јавен повик за финанасирање на инфраструктурни проекти во февруари идната година да аплицира за добивање средства за проектот каптажа на Свињишките извори.

Реализацијата на зафатот во голема мера би го подобрило водоснабдувањето на градот, особено оние делови што во летните сезони се соочуваат со недостиг.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, појасни дека спроведените испитувања на каптажата на изворите што се наоѓаат северно од градот во насока на Ресен покажале дека преку уредување на текот водоснабдувањето на градот до околу 60 проценти би се реализирало по природен пад на водата, со некаде 150 до 200 литри вода во секунда.

„Свињишките извори се во нашиот план и се надевам дека на следниот повик ќе пристапиме кон реализација на тој проект. Но, неговата реализација нема да биде одеднаш, бидејќи е скап проект, сигурно би чинел шест до осум милиони евра“, рече тој притоа посочувајќи дека проектот би се реализирал во неколку фази, од кои првата би била 2025 односно со срества од следниот повик на Владата за финансирање проекти во општините, најавен за во февруари.

Владата неодамна ги одобри сите десет проекти со кои Општина Охрид аплицираше на јавниот повик за изразување на интерес од страна на општините за финанасирање на инфраструктурни проекти објавен од страна на Министерството за локална самоуправа. Со одобрените околу два милиони евра предвидени се реконструкции на улици, фекална канализација, водоводна линија, целосна промена на опремата на пумпната станица „Метропол“ од Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро. аб/са/

фото/МИА

Остани поврзан