• петок, 31 јануари 2025

Општина Аеродром со препорака да не се користат мобилните телефони за време на настава во основните училишта

Општина Аеродром со препорака да не се користат мобилните телефони за време на настава во основните училишта

Скопје, 30  јануари 2025

 

Општина Аеродром донесе препорака учениците од прво до деветто одделение во сите основни училишта да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата.

Имено, се препорачува учениците при влез во училиштата да ги оставаат своите мобилни апарати во посебно означени кутии сместени во посебни простории во рамките на училиштата, од каде ќе можат да ги земат по завршување на наставата. Доколку вработените во училиштата увидат дека некој ученик поседува и втор телефон може да го одземе и да го врати на родителите или старателите.

Ваквата препорака е донесена по спроведените консултации со директорите и стручните служби на училиштата, по што Општина Аеродром покрена иницијатива која наиде на поддршка од страна на училишните одбори и од советите на родители.

Со оваа препорака имаме за цел да ги заштитиме нашите ученици од несоодветни, непристојни, па дури и опасни содржини што секојдневно се шират по одредени социјални мрежи кои за жал се пресликуваат и во нашата реалност. Исто така, очекуваме учениците со поголемо внимание и фокусираност да ги следат предавањата на часовите со што ќе се подобри образовниот процес, но и да развијат поголема друштвеност и емпатија меѓу себе и да се избегне потенцијална појава на мобинг и на меѓуврсничко насилство.

Оваа препорака е во насока и на истражувањата спроведени од страна на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), од каде во јули 2023 година укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење. УНЕСКО советува за соодветна употреба на технологијата во училиштата.

Нашите ученици се нашата иднина и ние сме одговорни да ги обезбедиме сите потребни услови во кои тие ќе имаат правилен раст и развој. Токму затоа со големо внимание и посветеност го следиме спроведувањето на воспитно-образовниот процес и работиме на подобрување на условите во нашите училишта.

Општина Аеродром

Фото: Општина Аеродром

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан