• петок, 23 август 2024

ОН: Израелските евакуации ги принудуваат Палестинците во пренатрупани и небезбедни области

ОН: Израелските евакуации ги принудуваат Палестинците во пренатрупани и небезбедни области

Њујорк, 22 август 2024 (МИА) - Канцеларијата на ОН за хуманитарни работи предупреди дека наредбите за масовна евакуација од страна на израелската армија овој месец ги принудила Палестинците да се преселат во пренатрупани и небезбедни области долж брегот на Средоземното Море во Газа.

Портпаролот на ОН, Стефан Дижарик, изјави дека најновите наредби, издадени во средата, се однесуваат на дел од Деир ал-Балах во централна Газа и Кан Јунис на југот, и ги опфаќаат 115 локации со над 150.000 раселени мажи, жени и деца, како и објекти на ОН и многу неформални и импровизирани засолништа.

Наредбите исто така ги опфаќаат канцелариите, складиштата и резиденциите на ОН и хуманитарните организации, како и три бунари кои обезбедуваа вода за десетици илјади луѓе и сега повеќе не се достапни.

„Во Деир ал-Балах, снабдувањето со вода е намалено за 70 проценти, што резултира со критичен недостиг на санитарни и хигиенски материјали“, рече Дижарик.

Портпаролот информира дека Израел досега издал 11 наредби за евакуација во август, кои се однесуваат на 250.000 луѓе.

Пред август, ОН процениле дека околу 90 отсто од 2,3 милиони жители на Газа биле раселени најмалку еднаш од нападите на Хамас на југот на Израел на 7 октомври, што го предизвика тековниот конфликт. ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан