• сабота, 16 ноември 2024

Околу двесте лица вакцинирани од утрото во поликлиника „Бит Пазар“

Околу двесте лица вакцинирани од утрото во поликлиника „Бит Пазар“

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) - Бесплатната вакцинација против сезонски грип за ризичните групи граѓани започна од денеска во државава. Во поликлиниката „Бит Пазар“ има 600 термини на ден, а од утрово околу двесте лица се вакцинирани, информираше попладнево доктор Сања Цилевска Младеновска.

Таа во изјава за медиумите појасни дека ретко кој ги пропушта термините. Граѓаните си доаѓале навреме, немало поголеми застои.

- Пациентите си се закажани на термин. Претходно имаше можност да аплицираат на вакцинација.мк. Си добиваат СМС порака, каде што им стои местото и времето кога треба да дојдат, потсети Цилевска Младеновска.

Таа истакна дека грипот кај одредена популација може да направи сериозни проблеми и сериозни компликации и неповолен исход на самата болест.

- Граѓани повозрасни од 65 години, граѓани кои имаат сериозни хронични заболувања, малите дечиња од шест месеци до пет години, бремените жени и здравствените работници кои секојдневно се изложени на грипот преку своите пациенти, секако треба да си ја примат вакцината. Затоа што вакцината е добра, сигурно штити од комликации. Може нема да ги заштити да не се разболат од грип, меѓутоа ќе заштити од сериозни компликации, хоспитализации и несакан исход, подвлече Цилевска Младеновска. бд/са/

Фото: МИА

Остани поврзан