• петок, 08 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
28 април 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 15 април. Денеска е Св. апостол Аристарх. На своето второ патување апостол Павле за првпат дошол во Солун. Таму останал три недели, проповедувајќи го Христос во еврејската синагога. Меѓу слушателите, што поверувале во Павловите зборови бил и подоцнежниот постојан сопатник на Павле и апостол - Аристарх. Овој Солунец е спомнат заедно до Павле на неколку места во Новиот завет: во Ефес и Рим. Подоцна тој бил епископ во сирискиот град Апамеја, а пострадал маченички, т.е. бил обезглавен за време на владеењето на императорот Нерон (54-68). ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Петар Чанел. Бил роден во Франција, во 1803 година. Кога станал свештеник, во 1836 година отпатувал во Океанија за да ја шири Христовата радосна вест. Со радост ги извршувал своите свештеничките работи, им помагал на сиромашните и проповедувал. Ги сакал сите луѓе, а во врска со тоа на своите пријатели им рекол: "Во напорната мисија треба да бидеме свети". Пред да умре рекол: "Не е важно дали јас ќе умрам, Христос останува на својот брег и со мојата смрт нема да исчезне". Бил убиен во 1841 година на брегот Футуна, во Океанија. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 35 минути, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 42 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан