• недела, 09 март 2025

ОБСЕ: Потребни се поголеми напори за еднакви можности за сите жени и девојки ширум светот

ОБСЕ: Потребни се поголеми напори за еднакви можности за сите жени и девојки ширум светот

Виена, 8 март 2025 (МИА) – По повод Меѓународниот ден на жената, лидерите на земјите-членки на ОБСЕ порачаа дека се потребни зголемени напори и ресурси за да се обезбеди родова еднаквост и еднакви можности за сите жени и девојки ширум светот.

Како дел од Акцискиот план на ОБСЕ за 2025 година насловен „За сите жени и девојки: Права. Рамноправност. Зајакнување“, претседателството, секретаријатите и канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) се приклучија на глобалниот повик за еднаков пристап до основните права, образованието, здравствената заштита и економските можности за сите жени и девојки.

- Секое девојче треба да расте мислејќи дека може да постигне се и дека ништо, особено не нејзиниот пол, не може да ја спречи на тој пат. Еднаквите права и можности се предуслов за вистинска слобода. Ова е во суштината на родовата еднаквост за која се борам денес и секој втор ден, рече претседавачот со ОБСЕ, финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен.

Жените секојдневно се соочуваат со значителни пречки, дискриминација и насилство, а тоа е особено видливо во конфликтните зони каде жените често го носат најтешкиот товар.

- Во конфликтите ширум светот, жените се несразмерно погодени од насилство, раселување и нестабилност, а сепак, нивниот глас останува маргинализиран во сите процеси кои се насочени кон решавање на кризите. И покрај тоа што се соочуваат со огромни предизвици, жените продолжуваат да придонесуваат за градење мир и безбедност, рече генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу на седницата на Постојаниот совет посветена на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената.

ОДИХР работи на зголемување на родовата еднаквост преку промовирање на учеството и лидерството на жените во демократскиот процес.

ОДИХР директно соработува со државите и граѓанското општество за изнаоѓање одржливи решенија, зајакнување на демократското владеење и политичкиот плурализам во регионот, се вели во соопштението на ОБСЕ. јт/

 

Остани поврзан