Норвешка немоќна против Германија и 22. одбрани на Волф
- Германија направи исчекор кон пласман во полуфиналето на Европското ракометно првенство, откако вечерва во завршниот натпревар од второто коло на главната фаза во Групата 1 ја совлада Норвешка со 30-28 (15-17) предводена од феноменалниот голман Андреас Волф.
Хернинг, 24 јануари 2026 (МИА) – Германија направи исчекор кон пласман во полуфиналето на Европското ракометно првенство, откако вечерва во завршниот натпревар од второто коло на главната фаза во Групата 1 ја совлада Норвешка со 30-28 (15-17) предводена од феноменалниот голман Андреас Волф.
Со своите одбрани, 34-годишниот Волф ги доведуваше во очај норвешките ракометари, спречувајќи ги нивните шутеви од различни позиции. Германскиот голман одбрани 22 од вкупно 50 удари кон неговиот гол, додека на спротивната страна, двата норвешки чувари на мрежата имаа вкупно 14 одбрани (14/41).
Марко Гргиќ беше најдобар стрелец на Германија со седум голови, додека Јоханес Гола и Лукас Зербе постигнаа по пет.
Норвешките стрелци беа предводени од тројца играчи со по пет голови, Сандер Сагосен, Август Педерсен и Кевин Гуликсен.
По второто коло од втората фаза, Германија е на чело на табелата во Групата 1 со шест бодови. Франција и Данска имаат по четири, а Норвешка и Португалија по два бода. На последното место е Шпанија без бодови.
Во следното коло, кое е закажано за в понеделник, ќе играат Португалија – Норвешка (15:30 часот), Шпанија – Франција (18:00 часот) и Германија – Данска (20:30 часот).ег
ФОТО: ЕПА