Нов оружен инцидент во бриселската населба Андерлехт
- По убиството на 19-годишно момче во саботата вечерта кај влезот во метро станицата „Клемансо“ во бриселската населба Андерлехт, минатата ноќ во овој дел на Брисел е регистриран уште еден оружен инцидент.

Брисел, 17 февруари 2025 (МИА) - По убиството на 19-годишно момче во саботата вечерта кај влезот во метро станицата „Клемансо“ во бриселската населба Андерлехт, минатата ноќ во овој дел на Брисел е регистриран уште еден оружен инцидент.
Како што објави електронското издание не весникот „Соар“, инцидентот се случил околу 1.45 часот по полноќ во метро станицата Сен Гидон во Андерлехт, но нема информации за жртви.
Градоначалникот на Андерлехт, Фабрис Кампс за весникот изјави дека истрагата за овој случај е во тек и во оваа фаза ништо не укажува дека тој е поврзан со инцидентите во оваа населба во претходниве две недели.
Бриселското Јавно обвинителство соопшти дека на месното на ноќешниот инцидент увид извршил балистички експерт, придружуван од припадници на Федералната полициска лабораторија.
- Истрагата за утврдување на околностите на овој настан и за идентификување на главни-от(-те) сторител(и) продолжува, се додава во соопштението на Обвинителството.
Изминативе две недели во Андерлехт беа регистрирани четири оружени инциденти во кои беа убиени две лица, а едно беше рането.
Според полициски извори, се верува дека овие инциденти се поврзани со „војната“ за контрола на територија меѓу криминалните групи „Омале“ и „Петербос“ поврзани со шверц на дрога.
Ноќта меѓу 4 и 5 февруари имаше пукотници пред метро станицата „Клемансо“ во Андерлехт, но без жртви. Сторителите побегнаа од местото на инцидентот низ тунелите на метрото. При полициската истрага беа пронајдени 23 чаури, како и докази за пет удари од кундак на „Калашников“ на фасадата на една куќа.
Следниот ден, при инцидент во истиот реон, во ногата беше ранет еден 50-годишен маж, кој претходно немал полициско досие.
Ноќта меѓу 6 и 7 февруари пак близу станицата „Клемансо“ беше убиен 55-годишен маж, кој претходно бил лишуван од слобода поради кражби.
Во саботата доцна вечерта на влезот во „Клемансо“ беше убиен 19-годишен осомничен дилер на дрога. сп/
Фото: МИА Архива