• сабота, 06 декември 2025

Саар: Војната на Иран против Израел почна на 7 октомври

Саар: Војната на Иран против Израел почна на 7 октомври

Тел Авив, 13 јуни 2025 (МИА) – Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар изјави дека „војната на Иран против Израел“ започнала со нападите предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година.

„Веќе на 8 октомври 2023, ден по страшниот масакр, напишав: Вчера беше првиот ден од војната на Иран против Израел“, објави Саар на Фејсбук.

Тој го оправда неодамнешниот напад врз Иран со цел „отстранување на заканата од уништување што ја претставуваше за Израел“.

„Во вакви ситуации, оние што носат одлуки мора да се запрашаат не само кои ќе бидат придобивките и цената од воената акција, туку и каква би била цената доколку не се спроведе акцијата. Во овој случај: изложување на Израел на закана од уништување“, додаде Саар.

Иран, кој го поддржува Хамас, негира каква било улога во нападите на 7 октомври. Тогашниот американски советник за национална безбедност Џејк Саливан изјави дека администрацијата на Џо Бајден не располага со директни докази дека Техеран бил вклучен во планирањето и извршувањето на нападите. Исто така, повеќе разузнавачки, воени и конгресни извори за Си-Ен-Ен потврдиле дека немаат директни докази за вклученост на Иран.

Саар додаде дека разговарал со повеќе свои странски колеги, меѓу кои министрите за надворешни работи на Индија, Германија, Франција, Италија, Унгарија, Парагвај, Панама и Кипар, како и со претставници на ЕУ.

„Веќе имаме значајни постигнувања во храбрата и импресивна операција на ИДФ во Иран. Овие постигнувања треба дополнително да се продлабочат“, напиша Саар. ссм/

фото: архива

Остани поврзан