• сабота, 23 ноември 2024

Ново здружение „Сѐ за рак“ за едукација, превенција и поддршка на пациентите кај нас

Ново здружение „Сѐ за рак“ за едукација, превенција и поддршка на пациентите кај нас

Скопје, 2 февруари 2024 (МИА) - Формирано е ново здружение - „Сѐ за рак“ за едукација, превенција и поддршка на пациентите во нашата држава.

- Македонија е ретка земја која изминатиот период се соочува со низа неправилности во поддршката и лекувањето на пациентите болни од рак. Со цел правилно информирање и рамноправна поддршка на сите пациенти болни од рак, во изминатиот период е започната иницијатива за формирање на здружение, чија основна задача, како и цел е да пружи точни и вистински информации за пациентите болни од рак и нивната поддршка во достапноста на терапии и третмани за лекување на ракот, се наведува во соопштението на здружението.

Иницијативата, како што се додава, резултирала со формирање на Асоцијација и платформа за едукација и превенција од рак и поддршка на пациенти болни од рак, која во текот на вчерашниот ден официјално се регистрирала и запишала во Централниот регистар во Скопје.

- Иницијативата и асоцијацијата имаат за цел да одговорат на предизвиците и потребите со кои се соочуваат пациентите со рак и да ја промовира свеста и стратегиите за едукација и превенција од рак. Асоцијацијата и платформата „Сѐ за рак“  ќе ја води Здравко Јосифовски, поранешен претседател на НУК - Независната угостителска комора, кој веќе шест месеци се бори со рак на грло, поточно рак на јазик, кој воедно сочувствува и носи лично разбирање за предизвиците со што се соочуваат сите пациенти болни од рак, појаснуваат од здружението.

Примарните цели и активности на Асоцијацијата и платформата, како што се додава, вклучуваат промоција и едукација за нега, помош и поддршка на пациенти болни од рак, информирање и промовирање за едукација и превенција од рак, создавање единствена онлајн-платформа за објава и дистрибуција на сите информации на едно место, поврзани со едукација и превенција на рак, како и информации за терапии и поддршка на пациенти болни од рак.

- Светскиот ден за борба против ракот, организиран од UICC глобално се одбележува секој 4 февруари и оваа година ја одбележува својата трета и последна година од кампањата „Затворете го јазот на нега“. Оваа иницијатива обединува милиони луѓе годишно со цел да ја зголеми свеста и знаењето за ризиците од ракот, како и активности за подобра превенција, откривање и негово лекување. Во пресрет на претстојниот Светски ден за борба против ракот, на 4 февруари од 11 часот, ги покануваме поединците заинтересирани за превенција и едукација од рак, како и оние кои моментално се борат со ракот, да ни се приклучат во одбележување на истиот во угостителскиот објект „Д хаус“ во Скопје, Стив Наумов 102Д. Целта на настанот е да дадеме наш допринос и заеднички да ја поддржиме глобалната кампања предводена од Унијата за меѓународна контрола на ракот (UICC), приклучувајќи се кон упатувањето на порака до нашата Влада и до владите ширум светот, да ги решат нееднаквостите во пристапот до квалитетни услуги на потребите на пациентите болни од рак, се додава во соопштението. бд/са/

Фото: Соопштение

Остани поврзан