• вторник, 24 декември 2024

Несоодветни или привремено несоодветни за употреба над 140 домови по пожарите во грчката област Атика

Несоодветни или привремено несоодветни за употреба над 140 домови по пожарите во грчката област Атика

Атина, 20 август 2024 (МИА) – Вкупно 146 домови зафатени од големиот пожар во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина се класифицирани како несоодветни или привремено несоодветни за користење од тимовите од Генералниот секретаријат за санација на штетите од елементарни непогоди на Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, кои ја завршија евиденцијата и процените на штетите, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција соопштија дека во периодот од 13 август заклучно со вчера тимовите извршиле проверки во деветте општини зафатени од пожарите и биле проверени 277 објекти, од кои 242 се куќи, 28 магацини, три државни објекти и четири деловни простори.

Проверките покажале дека 55 куќи се класифицирани како несоодветни за употреба и треба да се срушат, 91 е привремено несоодветна и потребна е поправка, додека пак 96 куќи биле окарактеризирани како погодни за употреба со помали оштетувања.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис попладнево, заедно со надлежните министри ќе одржи широк состанок во една од општините зафатени од пожарот, а планирано е учество и на периферијата Атика и градоначалниците на погодените општини со цел да се разгледаат резултатите од спроведените евиденции и проверки, но и активностите што ќе ги преземе државата за обнова на областитр зафатени од пожарот.

Пожарот што избувна пред десетина дена во североисточниот дел на областа Атика и гореше над 40 часа, предизвика сериозна материјална штета и зафати површина од околу 10.000 хектари. ср/

Фото: Министерство за климатски кризи и цивилна заштита на Грција

Остани поврзан