• понеделник, 23 декември 2024

На Крит почна вежба за справување со силен земјотрес

На Крит почна вежба за справување со силен земјотрес

Атина, 22 април 2024 (МИА) – Најголемата оперативна вежба спроведена досега во Грција за справување со силен земјотрес, во следните три дена ќе се одржи на грчкиот остров Крит во организација на Министерството за климатска криза и цивилна заштита, Организацијата за планирање и заштита од земјотреси и периферијата Крит. јави дописничката на МИА од Атина.

Според сценариото на вежбата, по 10 часот утрово беше регистриран силен земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтер, епицентарот е во морскиот дел, 20 километри северно од градот Ханија, додека пак утре наутро, 24 часа по првиот силен земјотрес, ќе се случи нов посилен, со јачина од 7,2 степени, што силно се чувствува на целиот остров и во поширокиот регион, а истовремено предизвикува и цунами на северните брегови на Крит.

Вежбата, рано утрово започна со порака до жителите на островот од европскиот број за итни случаи 112 со предупредување за силниот земјотрес, а за да не доведе до забуна и паника кај граѓаните, на почетокот на пораката пишуваше дека станува збор за вежба на Министерството за цивилна заштита.

Целта на вежбата, како што информираа од надлежното Министерство е да придонесе за намалување на сеизмичките опасности на Крит преку низа координирани акции, да ги подобри плановите за управување со итни случаи и кризи, да се зајакне подготвеноста и интероперабилноста и да се подигне свеста кај населението.

Денеска, на првиот ден од вежбата присуствуваше и министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас, а во иднина, планирано е да се спроведат идентични вежби и во други делови на земјата. ср/ми/

Остани поврзан