Најмалку 15 загинати во стампедо на хиндуистичкиот фестивал Кумб Мела во Индија (ДПЛ)
- Речиси 40 тела однесени се во мртовечница во индиската држава Утар Прадеш по стампедото што се случи на фестивалот Маха Кумб Мела
Њу Делхи, 29 јануари 2025 (МИА) – Речиси 40 тела однесени се во мртовечница во индиската држава Утар Прадеш по стампедото што се случи на фестивалот Маха Кумб Мела.
Локалните власти, речиси 12 часа по инцидентот, сè уште не го објавиле бројот на жртвите.
Претходно беше соопштено дека најмалку 15 луѓе загинаа во стампедо што се случи на аџилакот Маха Кумб Мела во Прајаграј, Утар Прадеш, додека илјадници верници пристигнаа на свето капење во реката Ганг по повод хиндускиот фестивал на Мауни Амавасија.
Кумб Мела е еден од најголем религиозен собир во светот, на кој присуствуваат милиони хинду верници од цела Индија за да се капат во светите реки Ганг и Јамуна.
Ритуалното капење се одржува на секои 12 години, а според хинду традицијата овозможува да се измијат гревовите и да се ослободи од циклусот на повторно раѓање и реинкарнација.
Оваа година, масовниот фестивал се одржува од 13 јануари до 26 февруари, а властите најавија повеќе од 400 милиони учесници, што би бил најголем собир до сега.
Верските собири се често место на смртоносни несреќи во Индија поради лошото управување со толпата и безбедносните недостатоци.
Минатиот јули, повеќе од 120 луѓе загинаа во државата Утар Прадеш за време на стампедо на собир на повеќе од 250.000 верници кои дојдоа да го слушаат познат хинду проповедник. ми/
фото: ЕПА