• понеделник, 23 декември 2024

Најмалку 12 загинати и 43 повредени во рускиот напад на хипермаркет во Харков

Најмалку 12 загинати и 43 повредени во рускиот напад на хипермаркет во Харков

Харков, 26 мај 2024 (МИА) - Најмалку 12 лица загинаа, а 43 се повредени во вчерашниот руски напад на хипермаркет за градежни материјали во украинскиот град Харков, соопшти денеска обвинителството на Украина. 

Две руски наведувани бомби вчера попладне го погодија градежниот хипермаркет „Епицентар“, изјави регионалниот гувернер Олег Синегубов на националната телевизија.

Ударите предизвикаа голем пожар, со густ, црн чад стотици метри во воздухот.

Според локалното обвинителство, телата на десет од 12-те жртви се уште не се идентификувани.

Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека во моментот на рускиот напад во хипермаркетот имало околу 120 луѓе.

„Нападот беше насочен против трговски центар во кој имаше многу луѓе - ова е очигледно тероризам“, рече Терехов.

Министерот за внатрешни работи на Украина Игор Клименко на Телеграм напиша дека 16 лица се уште се водат како исчезнати по синоќешниот напад во Харков. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан