• вторник, 12 ноември 2024

Најмалку тројца загинаа, а седум се водат за исчезнати во превртен чамец со мигранти крај шпанскиот брег

Најмалку тројца загинаа, а седум се водат за исчезнати во превртен чамец со мигранти крај шпанскиот брег

Мадрид, 22 март 2024 (МИА) - Најмалку три лица загинаа, а уште седум се водат за исчезнати откако чамец со мигранти се превртел крај јужниот шпански брег, соопшти шпанската агенција за спасувачки операции, цитирана од британските медиуми.

Агенцијата соопшти дека друг брод го вклучил алармот во 8 часот по локално време, откако забележал полупотопен црн чамец на 26 наутички милји јужно од Кејп Сакратиф, во близина на градот Мотрил, во андалузиската провинција Гранада.

Спасувачите пронашле три тела и двајца живи мигранти во превртениот чамец. Двајцата преживеани биле во тешка состојба, страдале од хипотермија и биле евакуирани со хеликоптер во болница.

Преживеаните изјавиле дека пред шест дена, кога го напуштиле Алжир, на чамецот имало 12 лица. 

Изјавата на преживеаните го натерала спасувачкиот тим да почне операција за пребарување на седумтемина за кои се верува дека се исчезнати. Кога и каде точно исчезнале овие мигранти се уште е нејасно, пренесе шпанската агенција за спасувачки операции.

Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс обезбеди авион за операцијата на пребарување, која беше отежната од силните ветрови и турбуленции.

Во првите 2,5 месеца од годината во Шпанија со бродови и чамци од Африка пристигнале 15.148 мигранти, што е четирикратно зголемување во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на шпанското Министерство за внатрешни работи. сд/

Остани поврзан