• понеделник, 23 декември 2024
На денешен ден
8 октомври 2021 (МИА)   - Меѓународен ден за намалување на уништувањето на природата 1354.- Убиен бил италијанскиот хуманист Николо Габрини, познат како Кола ди Ријенци, водач на римските републиканци. Својот идеал, обнова на античката република во Рим и обединета Италија, се обидел да го оствари со востание во 1347 година. Со помош на римските граѓани ја прогласил Римската република, која ја предводел под името „народна трибуна“. Од Рим ги протерал феудалците и ги намалил даноците, но набрзо аристократијата ги поразила неговите истомисленици и од 1348 до 1353 година живеел во бегство. За своите идеи без успех се обидувал да ги придобие германскиот цар Карл IV и авињонскиот папа Инокентиј VI. Во август 1354 година успал да ја обнови Римската република, но по два месеца бил убиен. 1793.- Во Париз за публиката бил отворен музејот „Лувр“ кој дотогаш бил кралски дворец. 1803.- Умрел италијанскиот писател Виторио Алфиери. Од неговите дела зрачи љубов за слобода и желба за ослободување од тиранијата. Дела: трагедите - „Саул“, „Орест“, „Марија Стјуарт“, „Филип“, „Клеопатра„, „Антигона“, автобиографскиот запис „Животот на Виторо Алфиери“. 1843.- Со англиско-кинеските трговски договори била потврдена спогодбата од Нанкинг, што ја потпишала Кина, признавајќи го поразот во „Опиумската војна“ против Британија. Врз основа на спогодбата, Кина морала да и плати на Британија отштета од 21 милион долари, да и го отстапи Хокгконг и за европската трговија да ги отвори пристаништата: Кантон, Амој, Фучоу, Нингно и Шангај. Во кинеските пристаништа Британците наметнале режим на екстериторијалност, ја определиле висината на царината (5 отсто) и за себе обезбедиле трговски привилегии. 1864.- Во Смедерево е роден Бранислав Нушиќ, српски комедиограф, сатиричар и критичар. Негови најпознати дела се комедиите „Сомнително лице“, „Протекција“, „Народен пратеник“, „Госпоѓата министерка“ и други. Умрел во Белград, на 19 јануари 1938 година. 1871.- Во Чикаго, во пожар, кој беснеел три дена, загинале најмалку 300 луѓе, а околу 90.000 останале без покрив над главата. 1893.- Вилхелм Конрад Рентген го открил новиот вид зраци што имале својство да пробиваат низ телото и да дејствуваат врз фотографската плоча. Тој ги нарекол „ИКС“ зраци, а подоцна според неговото име биле наречени рендгенски зраци. За овој епохален пронајдок тој ја добил Нобеловата награда за физика во 1901 година. 1895.- Убиена била корејската кралица Мин, која се обидувала да го спречи бранот на јапонската доминација во Кореја. Групата убијци која влегла во нејзиниот двор ја предводел јапонскиот конзул генерал Горо Миур. 1912.- Црна Гора и објавила војна на Турција и истиот ден ги нападнала Турците кај Скадар со што почнала Првата балканска војна. По крвавите борби во кои загинале безмалку 300.000 луѓе од двете страни, Србија, Црна Гора, Грција и Бугарија во 1913 година ја отстраниле турската власт од Балканот и ги протерале Турците од Европа. 1939.- Германија во Втората светска војна ја припоила западна Полска во Третиот рајх. 1942.- Почнало големото истоварување на сојузничките трупи во Африка за време на Втората светска војна. Главен командант на операцијата бил Двајт Ајзенхауер. 1944.- На Скопска Црна Гора, Шеснаесеттата македонска НО бригада по тридневни борби ги одбила нападите на балистичките сили од правецот на селото Орман - селото Бразда, кои се обидувале да ја отфрлат од комуникација релацијата Скопје - Качаник и да го оневозможат непречено сообраќајот на германските сили. Бригадата успеала да ги одржи позициите од кои постојано ги напаѓала германските транспорти и колони. 1953.- Велика Британија и САД без консултации предизвикале едногодишна криза во односите меѓу Италија и Југославија со предавањето на цивилната управа во зоната „А“ - слободната територија на Трст - во целост на Италија. Италија концентрирала свои трупи на границата, на што со иста мерка и возвратила Југославија. 1967.- Умрел британскиот државник Клемент Ричард Атли, лабуристички премиер од 1945 до 1951 година. За време на неговиот мандат Лондон ги признал независноста на Индија во 1947 година, а во 1948 година на Бурма. Дела: „Лабуристичката партија во перспектива“, „Дванаесет години подоцна“ и автобиографијата „Како се случи тоа“. 1974.- Роден е Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија и лидер на СДСМ. Заев по професија е бизнисмен и политичар, а во периодот 2005–2016 бил градоначалник на општина Струмица. Пред да влезе во политиката тој се занимавал со приватен бизнис во родниот крај. Во периодот 2003–2005 бил пратеник во Собранието на Република Македонија, а потоа се кандидирал за градоначалник на Струмица, функција која ја извршувал во три мандати. По оставката на Бранко Црвенковски од челното место на СДСМ во 2013, Заев бил именуван за нов партиски предводник. По неуспехот на парламентарните избори во 2014 ја обвинил актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за изборна местенка и решил неговата партија да дејствува како вонпарламентарна опозиција. Во 2015 објавувал нелегално стекнати телефонски разговори на високи владини функционери кои содржеле индиции за организиран криминал. Истата година го потпишал Пржинскиот договор кој предвидувал техничка влада за организирање на предвремени парламентарни избори во 2016. По предвремените избори во 2016, партијата на Заев формирала парламентарно мнозинство со пратениците на ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците. Заев бил предложен за мандатар во мај 2017. Прв чекор на неговата влада во надворешната политика било потпишување на договор за добрососедство со Република Бугарија во август 2017. 1991.- Словенија и Хрватска, спротивно на важечкиот устав, еднострано се отцепиле од СФР Југославија, предизвикувајќи граѓанска војна, со премолчена согласност од Запад. 1992.- Во Ункел, кај Бон, умрел Вили Брант, западногермански политичар, претседател на Социјалдемократската партија на СР Германија. Добитник бил на Нобеловата награда за мир во 1971 година. Роден бил во Либек, на 18 декември 1913 година. 1992.- Македонската радио-телевизија го известила генералниот секретар на Здружението на југословенските радио-телевизии дека Македонската радио-телевизија донесла одлука за истапување на МТВ од ЈРТ, во согласност со одредбите на договорот за основање на здружение на југословенските радио-телевизии. 1994.- Во Скопје било одржано Основачкото собрание на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. За претседател бил избран писателот Мето Јовановски. 1996.- Во првата јавна посета на Израел, палестинскиот лидер Јасер Арафат разговарал со израелскиот претседател Езер Вајцман во неговата приватна резиденција. 1997.- Советот за безбедност на Обединетите нации спровел санкции за Сиера Леоне, насочени против воената хунта во земјата. 1998.- Јапонија и формално и изразила жалење на Јужна Кореја поради 35-годишното колонијално владеење врз Кореја. 2000.- Сириски авион со функционери, лекари и медицински материјали слетал во Багдат. По две децении тоа бил првиот лет на авион од Дамаск во главниот град на соседен Ирак. 2001.- Авион на скандинавската компанија SAS, по судирот во густата магла со мал приватен авион, удри во хангар на миланскиот аеродром „Линате“ при што загинале сите 110 луѓе во авионот. Загинале и четири лица во приватниот авион и четворица аеродромски работници. 2005.- Во земјотрес со разорна моќ од 7,6 степени според Рихтеровата скала кој ги погодил Пакистан и Индија, животот го загубиле околу 75.000 луѓе, а повеќе од 10.000 биле повредени. 2013.- Физичарите Питер Хигс од Велика Британија и Франсоа Енглерт од Белгија станале добитници на Нобеловата награда за физика за откривањето на хипотетската елементарна честичка, позната како „Хигсов бозон“, што објаснува како основната супстанца добила маса и ги формирала ѕвездите и планетите.   ###

Остани поврзан