• вторник, 17 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
15 септември 2022 (МИА) 1776.- Во текот на американската војна за независност, британскитe трупи под команда на генералот Вилијам Хју го зазедоа Њујорк. 1786.- Италијанскиот лекар и природонаучник Луиџи Галвани откри струја, која според неговото име подоцна е наречена - галванска. 1789.- Роден е Џемс Фенимор Купер, американски писател. Во пенталогијата „Кожениот чорап“ го слика создавањето на првите населби на американската погранична покраина, борбата со Индијанците, прериите, шумите и езерата. Влијаеше врз голем број европски писатели на младински и авантуристички романи. Умре во 1851 година. 1821.- Република Костарика (шпанска колонија од 1509 година), Република Никарагва (шпанска колонија од 1522 година), Република Гватемала (шпанска колонија од 1523 година), Република Хондурас (шпанска колонија од 1524 година) и Република Ел Салвадор (шпанска колонија од 1524 година) се прогласија за независни држави. 1822.- Францускиот ориенталист Жан Франсоа Шамполиoн успеа прв да ги дешифрира хиероглифите на една плоча најдена во египетското место Решид, во 1799 година. Тој утврди дека хиероглифите не се симболично, туку фонетско писмо. Шамполиoн е основач на египтологијата како наука. 1830.- Роден е мексиканскиот генерал и државник Хосе де ла Крус Порфирио Дијаз, претседател на Мексико од 1877 до 1880 и од 1884 до 1911 година. Искористувајќи ја стекната слава во борбите со француските интервенционистички трупи, во 1876 година со воен преврат ја освои власта, заведе диктатура потпирајќи се на САД со што овозможи влез на американски и британски капитал. Големото незадоволство од селаните, но и од буржоазијата, предизвика револуција со која е соборен во 1911 година по што емигрираше. Умрел во Париз во 1915 година. 1852.- Во Лондон умре Артур Велзли Велингтон, англиски војсководец и државник. Војничка слава стекна во борбата против Наполеон Бонапарта. Тој прв и зададе пораз на Наполеоновата армија кај Ватерло, во 1815 година. По победата, заедно со прускиот фелдмаршал Блихер влезе во Париз. Роден е во 1769 година. 1857.- Роден е американскиот државник Вилијам Хауард Тафт, претседател на САД од 1909 до 1913 година. Во текот на мандатот воено интервенирал во Никарагва, која потоа била под американска окупација од 1912 до 1925 и од 1926 до 1933 година. 1864.- Во несреќен случај, ловејќи еребици, загина англискиот истражувач Џонсон Ханинг Спик. Тој е првиот Европјанин кој во август во 1858 година го виде африканското езеро Викторија, тврдејќи дека тоа е изворот на Нил. Пред тоа, во јануари истата година заедно со Ричард Бартон, кој ја предводеше експедицијата, го откри езерото Тангањика. Неговата теорија за изворот на најголемата африканска река ја оспоруваше Бартон кој сметаше дека Тангањика е изворот на Нил. Затоа Спик, како предводник на нова експедиција во јули 1862 година, успеа да стигне до местото од кое Нил извира од езерото Викторија. Спик загина во очи расправата на двајца истражувачи закажана во Кралското географско друштво во Лондон. 1890.- Родена е англиската писателка Агата Кристи, автор на низа детективски романи. 1891.- Умре Иван Александрович Генчаров, голем руски романописец. Според главниот јунак од неговиот роман „Обломов“ подоцна беше создаден поимот „обломовштина“ што се употребува за мрзливи и пасивни посматрачи. Роден е во 1812 година. 1894.- Во Париз е роден Жан Реноар, француски филмски режисер, великан на францускиот и светскиот филм. Ги напиша книгите „Реноар, татко ми“ и „Мојот живот и моите филмови“. Режисер е на филмовите „Нана“, „Кучка“, „Мадам Бовари“, „Голема илузија“, „Марселеза“ и други. Умре во Лос Анџелес, на 13 февруари 1979 година. 1904.- Роден е италијанскиот крал Умберто II, последен монарх во Италија кој на престолот беше само еден месец. Абдицираше во јуни 1946 година бидејќи Италијанците на референдум се изјаснија за република. 1916.- Во базата на реката Сома, во северна Франција, британската армија првпат употреби тенкови (32 тенка) во војна. Тоа беше во Првата светска војна против германската војска, во чии редови настана паника поради употребата на ова ново оружје. 1935.- Во нацистичка Германија Евреите се ставени вон законот, а кукастиот крст стана официјален симбол на знамето. 1941.- Советскиот премиер Ј.В. Сталин му упати порака на британскиот премиер В. Черчил во која бараше од Велика Британија да отвори втор фронт на запад или преку Архангелск или Иран да упати во СССР 25 до 30 дивизии. 1945.- Умре австрискиот композитор Антон Фридрих Ернст фон Веберн, еден од најистакнатите експресионисти. Неговата музика ја забранија нацистите во Втората светска војна. 1945.- Бугарите на референдум ја отфрлија монархијата и прогласија Народна Република Бугарија. 1940.- Конрад Аденауер е избран за прв канцелар на Западна Германија, а Теодор Хојс за прв претседател. 1963.- Во Загреб умре Славко Колар, хрватски писател. Пишуваше раскази, новели, сатирична проза, хуморески, драми и комедии. Од делата познати му се „Назад во нафталин“, „Седуммина во подрум“, „На своето тело господар“ и други. Роден е во Палешник, на 1 декември 1891 година. 1967.- Командантот на египетските сили фелдмаршал Абдел Хаким Амери  во катастрофалната шестдневна војна на Арапите со Израел во јуни 1967 година изврши самоубиство. 1972.- Полска и Сојузна Република Германија воспоставија дипломатски односи. 1973.- Умре шведскиот крал Густав VI Адолф кој го наследи внукот Карл XVI Густав. 1983.- Премиерот на Израел Менахем Бегин поднесе оставка. 1989.- Умре американскиот писател Роберт Пен Ворен. 1990.- Во Гевгелија е основано Здружение на Светскиот македонски конгрес, прва и единствена ваква институција регистрирана во целиот свет, заради културно, духовно и економско обединување на Македонците. За претседател е избран Тодор Петров. Регистрирано е во Гевгелија, на 10 октомври 1990 година. 1993.- Во Скопје е регистрирана Асоцијацијата на европските студентски структури при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. 1995.- Советот за безбедност на Обединетите нации ги продолжи уште за шест месеци санкциите против Југославија. 1995.- Во Скопје, пред влезот на канцеларијата за врски на САД е поставен нов амблем чиј натпис гласи  Амбасада на САД, со што формално мисијата на САД во Македонија го означи подигањето на нивото на дипломатските односи на релацијата Вашингтон - Скопје. 1996.- Водачот на италијанската сецесионистичка партија „Северна лига“ Умберто Боси, ја прогласи северна Италија за Федерална Република Паданија, што наиде на остра осуда од останатите политички сили во земјата. 2000.- Во францускиот дел на Баскија уапсен е најбараниот шпански бегалец Ињасио Грасија Арегуи, кој, според властите во Мадрид, е водач на баскиската терористичка група ЕТА. 2001.- Претседателот Џорџ Буш првпат рече дека САД „се во војна“, нагласувајќи дека водачот на исламистиката терористичка мрежа Ал Каеда Саудиецот Осама бин Ладен е организаторот на терористичките напади извршени четири дена пред тоа во Њујорк и Вашингтон. 2002.- Јужна и Северна Кореја се договорија да почнат со отстранување на мините долж границата меѓу двете земји. 2004.- Во Лос Анџелес умре Џони Рамон, вистинското име му е Џон Каминго, водечки гитарист на влијателната американска панк-рок група „Рамонс“. Роден е во 1949 година. 2011.- Почина легендарниот чешки режисер, Отакар Вавра. Вавра, кој во 50-тите години на минатиот век, со група чешки филмски автори е основач на Академијата за сценски уметности (ФАМУ) во Прага, својот прв филм го сними пред 80 години. Во јуни годинава на Меѓународниот фестивал во чешкиот град Злин, ја доби Гран-при наградата за животен придонес во светската кинематографија. Првата филмска награда ја доби во 1938 година, на Венецијанското биенале каде се претстави со три филма: филмот „Приказната на филозофот“ и филмот „Клуб на девици“, со кој ја доби престижната награда Златен лав, како и филмот „Девственост“. За филмот „Златна кралица“ е награден со наградата Златна школка на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан, како и наградата Златна глава на Фестивалот во Акапулко. Во 1969 година, го сними одличниот историски спектакл „Лов на вештерки“, филм за инструираните и лажни судења и егзекуции на жени обвинети за вештерство во Северна Моравија во 1670-те. Отакар Вавра е автор на 82 сценарија и 49 филмови. Неговата едукативна страна кон чешкиот филм е огромна. Меѓу неговите студенти се и „оскаровците“ Милош Форман и Јиржи Менцел, Вера Хитилова, Евалд Шкорм и Емир Кустурица. 2017.- На 91-годишна возраст почина американскиот актер Хери Дин Стентон. Стентон, кој важеше за „најдобар спореден актер“ во Холивуд, својата слава ја стекна со улогата во филмот „Париз - Тексас“. Во својата 60-годишна актерска кариера Стентон настапи во над 70 филмови и во околу 50 телевизиски серии. Покрај онаа во „Париз - Тексас“, тој имаше позабележителни улоги и во „Кум 2“, „Осмиот патник“, „Последното Христово искушение“, „Диви во срцето“, „Дилинџер“ и „Зелената мила“. ###

Остани поврзан