• петок, 08 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
13 декември 2020 (МИА) 1204.- Умрел Мојсеј Мајмоинид, еврејски филозоф, лекар, математичар и астроном, како и следбеник на Аристотел. Најважното негово филозофско дело е „Водич на љубовта“. Напишал и повеќе астрономски и математички расправи и 18 медицински трактати со теории многу пред времето во кое живееше. 1466.- Во Фиренца умрел Донати ди Николо ди Бето Барди - Донатело, италијански скулптор, еден од најпознатите ренесансни уметници кој ги надминаl средновековните модели на скулпторството. Познати се неговите дела „Давид“ (прв европски бронзен акт по антиката), релјефите во базиликата „Свети Антон“ во Падова и други. Роден бил во Фиренца, во 1386 година. 1553.- Роден е францускиот крал Анри IV, прв монарх од династијата Бурбон. Во текот на владеењето од 1589 до смртта во 1610 година, кога бил убиен од еден католички верски фанатик,  и го вратил внатрешниот мир на Франција. Анри IV традиционално го сметаат за најголемиот владетел во историјата на Франција, познат како „Андри добриот“. 1570.- Данска ја признала независноста на Шведска. 1642.- Холандскиот морепловец Абел Тасман ја открил земјата на која и го дал името холандска провинција Нов Зеланд, но поради стравот од домородците не се истоварил. Заслуга за откривањето на Нов Зеланд има и англискиот морепловец Џејмс Кук, кој во 1769 година се истоварил на еден од новозеландските острови. 1784.- Умрел англискиот писател и лексикограф Семјуел Џонсон, чиј „Речник за англиски јазик“ од 1755 година повеќе од еден век важел за најавторитетен за англиското говорно подрачје. Други дела: трагедијата „Ирена“ и критичкото дело „Животите на поетите“. 1797.- Во Дизелдорф е роден Хајнрих Хајне, германски поет, чија поезија претставува врвен дострел на германскиот романтизам. Неговата светска слава се темели врз лирската „Книга песни“ и врз подоцнежните збирки „Нови песни“ и „Ромецеро“. Умрел во Париз, на 17 февруари 1856 година. 1816.- Роден е Ворнер фон Сименс, германски пронаоѓач и индустријалец, еден од пионерите на електротехниката. Го усовршил телеграфот со стрелки, ја изградил првата подолга телефонска линија во Европа (1849), ја открил динамо-машината. Умрел во 1892 година. 1869.- Роден е Анри Матис, француски сликар и вајар. Почнал како фовист, но со време станал попрефинет и сликал со отмен колорит, за да заврши на крајот со чиста декоративност. Силно повлијаел врз модерното европско сликарство. Умрел на 3 ноември 1954 година. 1881.- Во Загреб умрел Аугуст Шеноа, хрватски писател, автор на реалистички раскази и фељтони, романтичарски песни и историски романи. Шеноа бил влијателен театарски критичар. Заслужен бил за создавањето на современата хрватска проза. Најпознато негово дело е романот "Селанската буна" како и романите „Златаревото злато“, „Диогенеш“, „Клетва“, „Чувај се од сењската рака“, „Питачот Лука“ и комедијата „Љубица“. Роден е во Загреб, на 14 ноември 1838 година. 1937.- Јапонските трупи го окупирале кинескиот град Нанкинг. Во текот на наредните шест недели настрадале околу 200.000 Кинези, повеќето цивили. Кинеската историографија овој период го опиша како „силување на Нанкинг“. 1944.- Јапонски авион наполнет со експлозив, со кој управувал пилот-самоубиец (камиказа), удрил во американскиот крстосувач „Нешвил“ и усмртил 133 членови на екипажот. 1981.- Претседателот на Полска Војчех Јарузелски вовел вонредна состојба во земјата. Била забранета натамошната активност на т.н. синдикат „Солидарност“. 1983.- Во Букурешт умрел Никита Станеску, еден од великаните на романската литература. Првата збирка песни „Смислата на љубовта“, ја објавил во 1960 година. Во богатото поетско творештво во повеќе од две децении објавил околу 30 книги поезија и е меѓу најплодните европски поети. Неговите дела се преведени на многу странски јазици. Трипати едноподруго ја добил наградата на Сојузот на писателите на Романија, а добитник бил и на Хардеровата награда за литература во 1976 година и на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1981 година. Роден бил во Плоешти, во 1922 година. 1988.- Во Конго бил потпишан протоколот со кој Ангола, Куба и Јужна Африка со посредство на Советскиот Сојуз и на САД и обезбедиле пат кон независноста на Намибија (Југозападна Африка) и крај на граѓанската војна во Ангола која почнала во 1975 година. 1991.- Поранешните советски републики Казахстан, Киргизија, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан се приклучиле во Заедницата на Независни Држави. 1992.- На границата меѓу Република Македонија и Албанија биле отворени три нови гранични премини. 1994.- Претседателот на Намибија Сам Нујома и неговата владејачка партија биле прогласени за победници на првите избори по стекнувањето независност на државата. 1995.- Европскиот парламент ја примил Турција во европската Царинска унија, и покрај бројните забелешки кон Анкара за кршење на човековите права. 2001.- Пет исламски терористи-самоубијци влегле во Конгресната зграда во Њу Делхи при што во судирот со обезбедувањето загинале вкупно 14 лица, вклучително и терористите. Индија за вмешаност во овој терористички акт обвинила две милитантни исламистички групи од Пакистан. 2003.- Американските трупи во Ирак кај Тикрит го уапсиле веќе соборениот ирачки претседател Садам Хусеин. Садам се криел откако во јуни истата година американските сили го скршиле отпорот на Ирачаните. 2006.- Белгиската национална телевизија во ударниот вечерен термин приредила симулација за отцепување на Фландрија. Дури 89 отсто од гледачите изјавиле дека поверувале дека Белгија престанала да постои според наводните одлуки на фламанското собрание. Веста сериозно ја сфатиле дури и некои меѓународни и дипломатски кругови. 2006.- Во Њујорк умрел Питер Бојл, американски актер, познат како вечен епизодист, но многу впечатлив и со особен стил на актерство. Роден бил во Филаделфија, во 1933 година. 2015.- Жена од Саудиска Арабија (Салма бинт Хизаб ал Отјеби) за прв пат е избрана за член на општински совет, откако земјата ја укина забраната за учество на жените на изборите. Овие општински избори во Саудиска Арабија беа први на кои жените имаа право да гласаат и да се кандидираат за функции, што се смета за чекор напред во бавниот процес на реформи за правата на жените во оваа конзервативна монархија. Мажите и жените сепак гласаа одвоено на гласачките места. Саудиска Арабија  е исламска монархија каде на жените им е забрането да возат и каде мораат да бидат покриени од глава до пети во јавност. Таа беше последната земја во светот каде само мажите имаа право на глас. Првите општински избори во земјата се одржаа во 2005 година. На тие и следните избори во 2011 година право на глас имаа само мажи. ###  

Остани поврзан