• сабота, 28 декември 2024
На денешен ден
15 јули 2021 (МИА)   1099.- Крстоносците во Првата крстоносна војна го зазеле Ерусалим. 1291.- Умре Рудолф Први, основачот на династијата Хабзбург. Владеел од 1273 па се до смртта во 1291 година. 1556.- Во Рим свечено била осветена грандиозната купола на црквата „Свети Петар“, која ја изградил прочуениот италијански архитект, вајар, сликар и поет Микеланџело Буонароти. Овој датум бил земен како ден на раѓањето на барокот. 1606.- Роден е Харменсон ван Рајн Рембрант, познат холандски сликар. Умрел во Амстердам, на 4 октомври 1669 година. 1882.- Во Кратово е роден Павел Шатев, македонски револуционер, родољуб и публицист, еден од легендарните солунски атентатори наречени „гемиџии“, крунски сведок што остана да раскажува за она што се случуваше во Солун во 1903 година. Неговиот живот е мошне бурен и мачен. Бил член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада. Поради несогласување со повоената државна политика бил отстранет од политичката сцена. Умрел во Битола, на 30 јануари 1951 година. 1904.- Во Баденвалер умрел Антон Павлович Чехов, руски новелист, раскажувач и драмски писател. Најпознати негови дела се драмите: „Галеб“, „Три сестри“, „Вујко Вања“ и „Вишновата градина“, како и збирките раскази „Човекот во футрола“, „Куќа на кат“, „Селани“ и други. Роден бил во Таганрог, на 29 јануари 1860 година. 1916.- Во Санкт Петербург умрел Наце Димов (Чуповски), македонски деец, еден од најистакнатите членови на Македонското научно-литературно другарство и на македонската колонија во Санкт Петербург, брат на Димитрија Чуповски. Автор бил на книгата „Македонија во минатото, во сегашноста и во иднината“. Роден бил во селото Папрадиште, Велешко, на 31 јануари 1876 година. 1922.- Пуштена била во сообраќај теснолиниската железничка пруга од Ѓорче Петров до Охрид и селото Ташмаруништа, Струшко. 1924.- Во Виена излегол првиот број на весникот „Балканска федерација“, орган на угнетените народи и национални малцинства на Балканот, а го уредувал македонскиот револуционер Димитар Влахов. 1928.- Во Скопје слетал првиот патнички авион „потез 29“ со кој била воспоставена првата воздушна линија на релацијата Белград - Скопје. Авионот можел да превезува само пет патници и 290 килограми багаж. 1929.- Умрел австрискиот писател Хуго фон Хофманстал. Соработувал со Рикард Штраус, за чии композиции пишувал либрета. Дела: драмите „Тицијановата смрт“, „Бела лепеза“, „Електра“, „Едип и Сфинга“, „Човек“, „Кула“, либрета: „Кавалер со ружа“, „Жена без сенка“. 1937.- Пуштен бил во експлоатација каналот Москва - Волга, долг 128 километри, длабок 5,5 и широк 85 метри. 1944.- Во Штип бугарските фашисти ја убиле Вера Циривири-Трена, првоборец и активен учесник во напредното работничко движење. Родена била во Прилеп во 1921 година. 1961.- Во Струга било одржано литературно читање на група истакнати македонски писатели, а по повод 100-годишнината од излегувањето на Зборникот на Браќата Миладиновци. Ова бил зародишот на Струшките вечери на поезијата. Во 1962 година во Струга бил формиран фестивалски одбор. Претседател бил писателот Ацо Шопов. Првиот поетски фестивал бил одржан во септември 1962 година. Струшките вечери на поезијата се меѓународна поетска манифестација што секоја година се одржува во месец август. Најзначајна награда на СВП е „Златниот венец“, кој првпат е доделен во 1966 година за најдобра песна (прв добитник е руско-советскиот поет Роберт Иванович Рождественски, а прв македонски венцоносец е Блаже Конески, во 1981 година). Од 1971 година „Златниот венец“ се доделува за целокупен поетски опус. На фестивалот секоја година се доделува и најзначајната македонска поетка награда, за поетска книга објавена меѓу двата фестивала – „Браќа Миладиновци“. 1965.- Американскиот вселенски брод „Маринер 4“ ги испратил првите снимки од планетата Марс. 1968.- Патничките авиони „Аерофлот“ и „Пан Америкен“ почнале редовно да летаат на линијата Москва - Њујорк. Тоа биле првите директни летови меѓу САД и СССР. 1974.- Офицери од Грција и припадници на Кипарската национална гарда извеле државен удар и ја презеле власта на Кипар. Претседателот Макариос успеал да го напушти Кипар, а по поразот на пучистите повторно ја презел власта. 1975.- Советскиот вселенски брод „Сојуз 19“ и американскиот „Аполо 18“ биле лансирани во орбитата околу Земјата заради нивно спојување. 1987.- Во Скопје умре Панде Поповски, еден од доајените на македонското новинарствто. Бил еден од првите пионери-новинари на Радио Скопје. Особено значење има неговиот придонес во ширењето на репортерството и на сликарството во првите повоени години, како и во пропагирањето за описменување на македонскиот народ и во афирамацијата на нашата земја меѓу нашите иселеници во прекуокеанските земји и насекаде каде што имаше македонски иселеници. Роден бил во селото Царев Двор, Ресенско, во 1912 година. 1990.- Во Охрид било извршено осветување на новоизградената црква „Света Тројца“. 1997.- Во Мајами Бич, во САД, бил убиен Џани Версаче, италијански моден креатор, со светско реноме. Роден бил на 2 декември 1946 година. 2004.- Во болницата Масачусетс во Бостон, САД, умрел Чарлс В. Свини, пензиониран генерал на американкото воено воздухопловство, пилот што за време на Втората светска војна ја фрлил атомаската бомба врз Нагасаки, во Јапонија (9 август 1945 година). Роден бил во 1920 година.   ###

Остани поврзан