• среда, 27 ноември 2024

МФ: Усвоен новиот закон за сметководствени работи, подигнување на капацитетите и стручната подготвеност на сметководителите

МФ: Усвоен новиот закон за сметководствени работи, подигнување на капацитетите и стручната подготвеност на сметководителите
Скопје, 27 јули 2022 (МИА) - Подигнување на капацитетите и стручната подготвеност на сметководителите се клучните промени кои ги содржи Законот за сметководствени работи, што го усвои Собранието. На законското решение работеше Министерството за финансии (МФ) низ инклузивен процес заедно со засегнатите страни, со цел да се воспостави и спроведат професионални стандарди во сметководствената професија и заштита на јавниот интерес, информираат од МФ. Законот, нагласуваат, се заснова врз начелата за непристрасност, независност, транспарентност, стручност, професионалност и законитост при вршењето сметководствени работи. Со Законот за сметководствени работи, како што посочуваат, сметководителите и овластените сметководители ќе имаат обврска за задолжителна професионална едукација и почитување на општоприфатените етички принципи на професијата. - Ќе имаат обврска задолжително да полагаат испит за влегување во професијата, како и зголемување на бројот на часовите за континуирано професионално усовршување (КПУ). Правото на вршење сметководствени услуги ќе се стекнува само со исполнување на критериумите дефинирани со Законот. Лицата што вршат сметководствени работи ќе имаат законска одговорност во поглед на правилното водење на сметководството, и обврска со потпис да ја потврдат точноста на годишната сметка и на финансиските извештаи, како и нивната усогласеност со законските одредби, истакнуваат од МФ. Надзор над сметководствената професија, додаваат, ќе врши самостојно и независно тело, односно Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија кој ќе обезбеди соодветно применување на сите принципи за спроведување на обуките за КПУ, истовремено грижејќи се за континуираниот раст и развој на целокупната сметководствена фела, сè до обезбедување гарантирано имплементирање на сите потребни мерки за примена на меѓународните сметководствени стандарди. - Институтот за вршење сметководствени работи со новиот Закон се дефинира како правно лице со јавни овластувања, во рамки на кој ќе се воспостават органи на управување и акти за работење. Институтот  во континуитет ќе има обврска да ги преведува меѓународните стандарди за финансиско известување и да ги исполни потребните стандарди за влез на Институтот во IFAC, прецизираат од МФ. Дополнително, посочуваат, со Законот се овозможува влез на нови правни субјекти на пазарот на организирање обуки за вршење сметководствени услуги. - Континуираното професионално усовршување  ќе го спроведуваат правни лица кои даваат услуги за советување и едукација од областа на сметководството, финансиите, даноците, корпоративното право и работните односи и кои за да вршат континуирана едукација  ќе мора да  имаат одобрение од Институтот. По влезот на земјава во ЕУ се дава можност сметководствените  услуги да ги даваат и странски физички и правни лица, со што Законот се усогласува со европската директива за услуги, истакнуваат од Министерството за финансии. вј/сп/

Остани поврзан