• сабота, 23 ноември 2024

МФ: Не се работи за намалување на плати во ФЗО, туку обид за нивно зголемување

МФ: Не се работи за намалување на плати во ФЗО, туку обид за нивно зголемување

Скопје, 30 јануари 2024 (МИА) - Не се работи за намалување на платите на вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), туку се прави обид за нивно повторно зголемување кое, реално ќе има фискални импликации во буџетот на Фондот, истакнуваат од Министерството за финансии (МФ) во соопштение откако вчера Синдикалната организација на ФЗО најави дека вработените во ФЗО ќе стапат во штрајк доколку УО донесе одлука за намалување на платите на вработените за 21 процент. 

За точно информирање на јавноста, наведуваат од МФ, „платите во ФЗО во текот на 2023 година се зголемени повеќепати и тоа 2.100 денари или околу седум отсто во месец март 2023 година со усогласување со минималната плата, исто така имаше зголемување на плати само во ФЗОМ за 2,5 проценти во месец јануари 2023 година и за 3,5 отсто во месец август 2023 година“.

- Согласно Општиот колективен договор, има предвидено зголемување од 10 отсто, како и за сите вработени во јавниот сектор. Односно, кумулативното зголемување на платите во текот на 2023 година во ФЗО е околу 25 проценти. Дополнително на ова, вработените во ФЗОМ во текот на 2023 година остварија право на регрес во нето висина од 10.000 денари. Поради фискалните импликации врз Буџетот на Фондот, Владата на РСМ му препорача на УО на ФЗОМ, донесената Одлука за зголемување на вредноста на бодот, да има одложено дејство во 2025 година, од причина што за зголемување на платите во ФЗОМ, не се предвидени средства во Буџетот за 2024 година. Обезбедувањето на средствата би било возможно само со пренамена од други расходни ставки, а тоа би значело дека за зголемување на платите на вработените, ќе треба да се скратат средства за лекови и здравствени услуги за граѓаните, пишува во соопштението на Министерството.

Оттаму велат дека вработените во ФЗОМ во моментов имаат поголеми плати од соодветната категорија на вработени во министерствата. Со предложеното зголемување од 11 отсто, како што додаваат, вработените во ФЗОМ со средно образование би земале плата, колку што е платата на вработените во министерствата со високо образование.

- Во моментот, со порастот од 10 отсто, согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, платата на раководител на одделение во ФЗОМ - централа е повискa за 17 отсто во однос на платата на раководител на одделение во министерство. Раководител на одделение во ФЗОМ - централа би имал плата која би била повисока од платата на највисокото административно звање во министерставата -  државен советник, односно платата на раководител на одделение во ФЗОМ - централа би била повиско за 35 проценти во однос на платата на раководител на одделение во министерство, стои во соопштението.

Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗО, вчера изјави дека од 9 јануари „со препорака од Владата, како што е срочено, се бара намалување на платите од 21 процент. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент“.

Според најавата од Синдикатот, доколку вработените стапат во штрајк,  на шалтерите ќе работи само по едно лице кое ќе примадокументација и ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство, како и други услуги.

Со одлуката се засегнати 831 вработен во ФЗО и ако има намалување на платите, според Аџигогов, 25 проценти ќе добиваат плата со износ под минимална плата, а 25 проценти колку минималната плата. бд/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан