• петок, 20 декември 2024

МФ: Граѓаните и годинава ќе имаат можност да добијат поддршка за станбен кредит преку Проектот „Купи куќа, купи стан“

МФ: Граѓаните и годинава ќе имаат можност да добијат поддршка за станбен кредит преку Проектот „Купи куќа, купи стан“
Скопје, 1 април 2022 (МИА) - Министерството за финансии (МФ) ќе објави нов повик за Проектот „Купи куќа, купи стан“ на кој заинтересираните граѓани ќе може да аплицираат за субвенциониран кредит за обезбедување свој нов дом. Како што посочуваат од МФ, информацијата за спроведување на проектот и негово продолжување во 2022 година со предлог да се објави нов повик беше усвоена на седница на Владата. Согласно усвоената информација на Владата, јавниот повик кој ќе биде објавен за 2022 година, ќе биде воедно и последниот објавен повик во рамки на Проектот „Купи куќа, купи стан“. - Граѓаните ќе може да аплицираат за една од двете варијанти за субвенции на рата или за субвенционирање на учеството за купување стан или изградба на куќа во деловните банки кои се дел од Проектот „Купи куќа, купи стан“ откако ќе се објави јавниот повик, велат од МФ. Досега, додаваат, се одобрени вкупно 2.010 барања за субвенциониран станбен кредит, а одобрените кредитите се во вкупен износ од над 73 милиони евра, за кои одобрените субвенции се во износ од 18,3 милиони евра. Граѓаните од двата понудени модела го користеле повеќе моделот субвенција на рата за кој се одобрени 1.486, додека за субвенција на учеството 524 барања. Според намената, граѓаните повеќе го искористиле за купување стан, односно од вкупно одобрените барања 1.676 се за купување нов стан, додека 334 се за изградба, купување, доградба или надградба на куќа. Проектот „Купи куќа, купи стан“ се реализира согласно Законот за субвенционирање на станбен кредит, со неколку измени во критериумите, со цел да се помогнат семејствата, особено младите, да го решат сопственото станбено прашање. Како што информираат од МФ, каматната стапка во првите три години од реализација на проектот изнесуваше 4,99 отсто, а по истекот на периодот од три години, во следните две години каматната стапка можеше да се зголеми најмногу за 10 проценти. Потоа, се унапредија условите за обезбедување на сопствен дом, а најголема поволност за граѓаните беше значителното намалување на каматните стапки за одобрување на субвенциониран станбен кредит. За субвенционирање на рата од кредит во првите три години, каматната стапка се намали од 4,99 на 2,9 отсто годишно, а во наредните две години, каматната стапка се намали од 5,5 на 3,9 отсто. Во однос на моделот за субвенционирање на учеството од субвенционираниот кредит, каматната стапка се намали и изнесува најмногу до шестмесечен ЕУРИБОР + 4,0 п.п. (процентни поени) на годишно ниво, во текот на целото времетраење на отплата на кредитот. -Со реализацијата на проектот, исто така, се постигна значајно унапредување на станбеното кредитирање и од страна на комерцијалните банки кои денес нудат станбени кредити со рекордно ниски камати и многу поволни услови. Дополнително и периодот на фиксната каматна стапка која пред десеттина години беше од една до две години, сега изнесува до десет години. Имајќи го предвид горенаведеното, целта на проектот е постигната и многу граѓани го решија сопственото станбено прашање, посочуваат од МФ. вј/сп/

Остани поврзан