• вторник, 24 декември 2024

Муцунски: Членството во НАТО придонесува за зајакнување на колективната безбедност 

Муцунски: Членството во НАТО придонесува за зајакнување на колективната безбедност 

Брисел, 19 септември 2024 (МИА) - Нашето членство во НАТО претставува долгорочна стратешка определба и придонесува за зајакнувањето на колективната безбедност, порача синоќа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински во обраќање на приемот организиран во седиштето на Алијансата во Брисел по повод Денот на независноста – 8 Септември. 

Тој се осврна и на предизвиците со кои се соочува земјава на својот европски пат, при тоа нагласувајќи дека посветеноста на реформите и нивната квалитетна имплементација се суштински за приближувањето на нашите стандарди кон оние на ЕУ.  

Говорејќи за перспективите за зачленување во ЕУ, Муцински истакна дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Унијата е од големо значење не само за нас, туку и за стабилноста на целиот регион. 

Муцински во обраќањето ја повтори и нашата силна поддршка за Украина, додавајќи дека земјава како одговорен партнер, останува посветена на заедничките вредности на Алијансата и на глобалните напори за зачувување на мирот и безбедноста. 

Шефот на дипломатијата престојува во Брисел како дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, а во чиј состав е и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, која се наоѓа во работна во посета на белгискиот главен град. 

За време на посетата Мицкоски денеска заедно со останатите лидери од земјите од Западниот Балкан ќе присуствува на работен ручек во организација на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.  

Премиерот, исто така, ќе има средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман. сп/са/

Фото: ФБ

Остани поврзан