• сабота, 23 ноември 2024

Муртезани: Не отфрлувањето на предлогот за одложено дејство на уставните измени е знак дека се создава заеднички простор што треба паметно да се искористи

Муртезани: Не отфрлувањето на предлогот за одложено дејство на уставните измени е знак дека се создава заеднички простор што треба паметно да се искористи

Скопје, 24 октомври 2024 (МИА) - Не отфрлувањето на нашиот предлог за одложено дејство на уставните измени од страна на претседателката на Европска комисија Урсула Фон дер Лајен, е знак дека се создава заеднички простор кој што треба многу внимателно и паметно да се искористи, за да дојдеме до решение, смета министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Тој вечерва во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител, коментирајќи ја денешната посета на Фон дер Лајен во Скопје, порача дека Брисел сериозно ги сфаќа аргументите во врска со уставните измени.

 -Битно е дека нашите аргументи, дека уставните измени не треба да служат само за отпочнување на преговорите, туку дека после отворањето на преговорите процесот не треба да се билателизира до затворање, е клучниот аргумент кој што во Брисел сериозно се сфаќа и ова не е само наше барање, рече Муртезани.

Како што рече, пораките на Фон дер Лајен дека проширувањето на ЕУ е апсолутен приоритет, се пораки кои треба сериозно да ги сфатиме и да го придвижиме процесот на евроинтеграции.

-Самиот чин со посетата на регионот и пораките дека проширувањето е апсолутен приоритет не нејзиниот мандат, мислам дека се пораки кои ние треба да ги сфатиме и врз основа на тоа треба да го придвижиме процесот на евроинтеграции. Клучниот момент според мене, е не отфрлувањето на нашиот предлог со одложено дејство од страна на претседателката. Тоа е знак дека се создава заеднички простор, кој што треба многу внимателно и паметно да се искористи, за доаѓање до решение, додаде Муртезани.

Според Муртезани, посетата на Фон дер Лајен е силен знак дека ние мора да сме во ЕУ и дека сега е време за изнаоѓање решенија.

-Посетата на Фон дер Лајен е силен знак дека ние мора да сме во ЕУ, силен знак дека треба брзо и силно да чекориме кон ЕУ, дека сега е времето за изнаоѓање на решенија, дека уште имаме простор и ако брзо најдеме решение заедно со Албанија да ги отпочнеме преговорите. Пораката во однос на носењето на уставните измени беше јасна, тоа стои и во заклучоците и во заедничката позиција на ЕУ, и Владата не ја успорува потребата од носење на уставните измени, туку ние сакаме да го обезбедиме процесот после носењето на уставните измени. Едноставно, да бидеме сигурни дека тој процес ќе заврши во одредено време. Сметаме дека ако само се носат уставните измени, а се соочиме со дополнителна блокада, довербата на граѓаните дека ние еден ден ќе дел од ЕУ драстично ќе се намали, рече Муртезани.

Тој додаде дека имаме поддршка од многу европски земји, но подвлече дека процесот треба билатерално да се иницира со Бугарија.

-Се додека не завршат изборите во Бугарија, нема јавно да нудиме предлог, бидејќи сметаме дека тоа може да се користи за изборни цели, додаде Муртезани.

Коментирајќи ја реформската агенда, тој рече дека станува збор за амбициозна реформска агенда направена во многу краток период, која ќе направи сериозен тест на нашиот систем, дали сме спремни и дали можеме да покажеме кредибилитет брзо до станеме членка на Европската Унија.

Прашан какви се очекувањата од Заедничката комисија за историски и образовни прашањаомеѓу Македонија и Бугарија, Муртезани одговори дека таа не треба да биде под политички притисок, посочувајќи дека науката не работи врз основа на политички притисоци.

-Сметам дека комисијата не треба да биде под политички притисок и брзо да испорачува резултати. Науката не работи врз основа на политички притисоци. Во такви комисии ние имаме живи примери во ЕУ, било Полско-Германската, или Француско-Германската комисија, кои со децении работат и уште ја немаат завршено својата работа. Нивната работа треба да биде водена исклучиво од научни перспективи, а политиката не треба да биде водена од историски побуди, рече Муртезани.бт/аа/

Фото: МИА Архива

 

 

Остани поврзан