• понеделник, 23 декември 2024

Муртезани - Едштадлер: Потврдена австриската поддршка за успешна навигација на нашата евроинтеграција

Муртезани - Едштадлер: Потврдена австриската поддршка за успешна навигација на нашата евроинтеграција

Скопје, 28 август 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во рамки на својата прва работна посета на Австрија, денеска во Виена остварил средба со австриската сојузна министерка за ЕУ и Устав, Каролине Едштадлер, на која се дискутирало за зајакнување на билатералните односи и унапредување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија, со посебен акцент на политиката на проширување на ЕУ и неодамна воведениот План за раст за Западен Балкан.

Како што соопштија од Министерството за европски прашања, клучна тема на дискусија била Нацрт-агендата за реформи 2024-2027, која министерот Муртезани ја претстави како сеопфатен и кохезивен пакет на мерки дизајниран за забрзување на економската конвергенција на Северна Македонија со Европската Унија. Агендата за реформи опфаќа серија на квантитативни и квалитативни иницијативи со цел намалување на економските разлики, зголемување на конкурентноста и обезбедување на исполнување на строгите стандарди на ЕУ.

-Агендата за реформи не е само стратешки план, туку сведоштво за нашата посветеност кон усогласување со европските стандарди и унапредување на нашиот процес за пристапување во ЕУ. Со поддршка од партнери како Австрија и рамката обезбедена од Планот за раст за Западен Балкан, уверени сме дека ќе постигнеме конкретен напредок кон целосното членство во Унијата, нагласил министерот Муртезани.

На состанокот, се додава, биле реафирмирани цврстите пријателски односи помеѓу Австрија и Северна Македонија. Министерот Муртезани изразил благодарност за континуираната принципиелна и гласна поддршка на Австрија за европскиот пат на земјата, како и за нејзината активна улога во промовирањето на политиката на проширување во рамките на ЕУ. Тој, исто така, го нагласил потенцијалот за понатамошна соработка под новата Регионална стратегија на Австриската развојна соработка за Западен Балкан, која ќе се спроведува од 2024 година.

-Оваа стратегија нуди рамка за ангажманот на Австрија во регионот, со можности за билатерални и регионални проекти во клучни области како што се добро управување и владеење на правото, одржлив и инклузивен социјален и економски развој, клима и животна средина, посочил Муртезани.

Министерката Едштадлер ја потврдила посветеноста на Австрија за поддршка на Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во ЕУ, потенцирајќи го стратешкото значење на Западен Балкан за европската стабилност и безбедност.

Двајцата министри, се посочува, се согласиле за потребата од продолжување на соработката и дијалогот за да се обезбеди успешна навигација на Северна Македонија низ предизвиците на процесот на ЕУ интеграција.

-Министрите изразија подготвеност за заемна посветеност за продлабочување на билатералните односи и заедничка работа за постигнување на европските интегративни цели на Северна Македонија, со Нацрт-агендата за реформи и Планот за раст како клучни компоненти на овој тековен процес, стои во соопштението од МЕП. вг/цр

Фото: МЕП

Остани поврзан