Мултисекторска соработка во фокусот на првата Конференцијата за борба против корупција во Западен Балкан
- Важноста на мултисекторската соработка и посветеноста на учесниците во пронаоѓањето решенија за борбата против корупција, охрабрувањето на секојдневната борба за интегритет и создавањето робусни механизми за нејзино спречување и барање отчетност преку системски реформи и транспарентни институции, беа во фокусот на отворањето на првата Конференција за борба против корупцијата во Западен Балкан организирана од Амбасадата на САД во Скопје, во соработка со Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот (INL).
Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) – Важноста на мултисекторската соработка и посветеноста на учесниците во пронаоѓањето решенија за борбата против корупција, охрабрувањето на секојдневната борба за интегритет и создавањето робусни механизми за нејзино спречување и барање отчетност преку системски реформи и транспарентни институции, беа во фокусот на отворањето на првата Конференција за борба против корупцијата во Западен Балкан организирана од Амбасадата на САД во Скопје, во соработка со Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот (INL).
Американсата амбасадорка во Република Северна Македонија, Анџела Агелер во своето воведно обраќање ја истакна важноста на мултисекторската соработка и посветеноста на сите учесници во пронаоѓањето решенија за овој критичен проблем. Таа нагласи дека не е потребно само казнување, туку и охрабрување на секојдневната борба за интегритет.
-Тоа што сте сите тука покажува дека се вклучени сите сектори и тоа посведочи за вашата посветеност и потрага по наоѓање решение. Тоа ја потенцира важноста и итноста на работата што ни претстои, посочи амбасадорката.
Дополни дека мора да се зајакнат оние што избираат да делуваат и да се борат, а не да се предадат.
Токму преку оваа конференција, како што кажа, „преку носење на „шампионите“ на едно место, може да се изгради мрежа која ќе се бори против корупцијата од позиција на сила и доверба“.
-Во Северна Македонија се лансира новата правосудна мрежа во која ќе бидат поврзани професионални од кривично-правниот сектор кои што ќе споделуваат искуства, ќе поттикнуваат доверба и ќе се поддржуваат едни со други. Веруваме дека оваа иницијатива ќе користи како модел во регионот, посочи таа.
Амбасадорката ги охрабри присутните во текот на конференцијата да изградат знаење и партнерство и да ги споделат искуствата и научените лекции.
Заменик-претседателот на Владата за политики и добро владеење, Арбен Фетаи, истакна дека корупцијата е деструктивна сила која го поткопува системот и ги загрозува основните вредности. Тој подвлече дека Владата на Северна Македонија е посветена на создавање робусни механизми за спречување на корупцијата и барање отчетност од корумпираните лица, преку системски реформи и транспарентни институции.
-Борбата против корупцијата не е само приоритет меѓу другите приоритети, туку ни е врвен приоритет, и нашата реформа започна веќе, и нашата Влада започна да презема активности за остварување на оваа цел. Нашата должност како Влада е да утврдиме, да воспоставиме соодветни менханизми за спречување на корупција и за барање отчетност. Ова ќе биде возможно само преку системски реформи и преку создавање на институции кои транспарентно ќе работат за доброто на јавноста, дополни министерот.
Според него, тоа може да се постигне со системски ревизии во сите јавни институции, надополнување на Кривичниот законик за да се усогласи периодот на застарување на делата поврзани со корупција, заедно со европските стандарди.
-Ќе се консултираме со засегнатите страни, со нашите меѓународни партнери за да ги обезбедиме најдобрите решенија вклучително подобрување на нашите резултати. Во однос на осудителни пресуди во предмети поврзани со корупција, а исто така ќе се фокусираме во конфискација на незаконско стекнати средства, со што ќе испратиме јасна порака дека корупцијата дека нема да биде казнета, рече вицепремиерот.
Нагласи дека е потребна стратегија за борба против корупција која што ќе се заснова на транспарентни и отчетни институции.
- Мора да создадеме ситеми коишто ќе бидат отпорни на надворешните притисоци и на институиците коишто ќе треба да бараат отчетност од корумпираните лица. За ова е потребно не само независно судство , како што реков и претходно , туку исто така и државна управа, државна администрација која што е добро обучена и посветена на јавниот интерес, рече министерот.
Дополни дека борбата против корупција не е само одговорност на Владата, туку, како што рече, за тоа се потребни колективни делувања и поединечна одговорност.
Дводневна регионална конференција што се одржува во Скопје има за цел да поттикне мултисекторска регионална мрежа на „лидери во борбата против корупцијата“ — професионалци од владата, судството, граѓанското општество и бизнис секторот посветени на борбата против корупцијата.
На настанот присуствуваат учесници и говорници од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.ар/ац/
Фото: МИА