• сабота, 23 ноември 2024

МОН со меѓународна конференција одбележа десет години од воспоставувањето на Националната рамка на квалификации

МОН со меѓународна конференција одбележа десет години од воспоставувањето на Националната рамка на квалификации

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) – Министерството за образование и наука денеска со меѓународна конференција одбележа десет години од воспоставувањето на Националната рамка на квалификации (НРК) - национален стандард за регулација на стекнувањето и користењето на квалификациите усогласено со Европската рамка на квалификации.

Конференцијата беше посветена и на завршувањето на твининг-проектот финансиран од Европската Унија „Понатамошна поддршка за имплементација на Националната рамка на квалификации“ кој почна во 2021 година и за кој земјава соработува со три земји членки на ЕУ – Литванија, Словенија и Франција.

Претставникот на ЕУ во Скопје, Александру Албу, истакна дека меѓународната конференција е сведоштво за моќта на соработката и споделеното знаење. Смета дека има значителен напредок во усогласувањето со Европската рамка на квалификации што овозможува квалификациите од нашиот образовен систем да бидат споредливи и надвор од државата.

Како што рече, НРК е инспиративно патување што подразбира големи заложби, здружена работа и спроведување на препораките на меѓународните експерти и порача дека „останува динамична алатка за унапредување на општествата и поттикнување на личниот развој“.

-НКР е робусна рамка која го поддржува развојот на образовниот сектор во согласност со потребите на пазарот на трудот. Таа им нуди моќ на поединците соодветно да си го изберат патот во својата кариера и во своето образование. Станува збор за квалификции кои се стандардизирани и признати низ Европа  и нудат многу можности. Во изминатата деценија имаше многу напредок во оваа област, кој е резултат на постојан напор, заложби и постојана посветеност на сите засегнати страни во земјата. Со оваа конференција имаме можност да размислиме за она што е постигнато во изминатите десет години, но и да зборуваме за идните чекори, рече Албу додавајќи дека ги охрабрува надлежните во земјава да го земат предвид она што е развиено со твининг проектот, но и со други иницијативи на Европската Унија и да ги спроведат препораките.

Нагласи и дека ЕУ е посветена на поддршка на Северна Македонија, соопштувајќи дека се  отпочнати преговори за обезбедување поддршка на земјата за пристап до платформата Europass. 

Конференцијата ја отвори заменик-министерот за образование и наука Агим Нухиу кој истакна дека по една декада од функционирањето на НРК очекува експертите да дадат насоки за нашата иднина, базирани на трендови и најнови практики.

-Живееме во време на исклучителна мобилност на граѓаните и на работниците кон нашата и кон економии на други држави. Од друга страна, работодавците се во секојдневна силна битка за да обезбедат квалитетни работници. Тоа се два процеса кои се преплетуваат и се вкрстуваат во една точка – кај квалификациите и можноста за нивно полесно запознавање на домашниот и на меѓународниот пазар на труд. Овде се појавува важноста на НРК и потребата да заживее овој проект на што попрецизен начин и да се препознаат вештините и способностите на работниците и учениците. НРК охрабрува индивидуалци да продолжат да учат низ сите фази во животот, промовирајќи го доживотното учење, рече Нухиу.  

Александар Сладојевич од Словенија  изјави дека твининг-проектот „Понатамошна поддршка за имплементација на Националната рамка на квалификации“ е фокусиран на обезбедувањето квалитет во образованието, градење на капацитетите неопходни за спроведување на НРК и нивно зајакнување.

- Исто така, работиме на активности за подигнување на свеста во оваа област и спроведуваме активности поврзани со развој на базата на податоци и порталот за НРК, изјави словенечкиот експерт. 

Јолита Буткиене од Литванија истакна дека НРК значи неопходна трансформација во целото општество која подразбира, како што рече, трансформација на образовниот систем, притоа имајќи ги предвид потребите на пазарот на трудот.

-Воедно зборуваме и за развој на разни вештини и на доживотното учење, како и за поголема мобилност на студентите. Затоа е важно што денеска собираме многу засегнати страни – претставници на студентите, на пазарот на труд, работодавци, претставници на образовниот систем во сите сфери и од сите нивоа. Се надеваме дека овој настан ќе биде дополнителен чекор во нашите напори за подобрување на образовниот систем, додаде Буткиене.

Националната рамка на квалификации во изминатите 10 години успешно се воспостави преку соработка и вклученост на повеќе институции, образовни установи, стопанските комори и бизнис-заедницата, координирани од Министерството за образование и наука преку Одделението за Националната рамка на квалификации и Националниот одбор за НРК. хс/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан