• недела, 17 ноември 2024

МОН: Да продолжи дијалогот помеѓу Министерството за финансии и ДИЦ до целосно усогласување на ставовите 

МОН: Да продолжи дијалогот помеѓу Министерството за финансии и ДИЦ до целосно усогласување на ставовите 

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) - Министерството за образование и наука (МОН) апелира да продолжи дијалогот помеѓу Министерството за финансии и Државниот испитен центар (ДИЦ) до целосно усогласување на ставовите на двете страни, односно изнаоѓање на решение кое ќе задоволи барања на ДИЦ, а фискалните импликации ќе бидат во рамки на расположливите буџетски можности. 

-Потсетуваме дека со потпишувањето на новиот општ колективен договор, и вработените во оваа институција, меѓудругото, од месец септември добија 10 отсто повисоки плати, така што тоа е потврда дека кај Владата постои волја и постојано се заложува за унапредување на правата на вработените во јавната и државната администрација, велат од МОН.

Министерството за финансии, пак, по повод штрајкот на вработените од ДИЦ, со кој бараат зголемување на платите, вели дека Владата воспоставила системско решение со кое се овозможува континуиран раст на платите на сите вработени во јавниот сектор.

-Имено сите вработени во администрацијата, вклучително и вработените во Државниот испитен центар, имаат статус на административни службеници и правото на плата го остваруваат согласно Законот за административни службеници, со кој се воспостави системот за раст на платите, велат од Министерството за финансии.

Емилија Бошковска од Синдикатот на ДИЦ денеска на прес-конференција кажа дека штрајкот продолжува поради недобивање на задоволителен одговор од Министерството за финансии за покачување на платите на вработените во оваа институција, односно нивно изедначување со платите на наставник ментор. Потенцираше дека платите на вработените во ДИЦ се за 25 проценти помали од платите на наставник ментор. Станува збор околу 26 вработени лица.

Бошковска истакна дека нема да се спроведе стручниот испит за наставници и стручни соработници, а се загрозува и спроведување на матурата.

-Во овој момент требаше да се случува стручниот испит за наставници и стручни соработници за приправници. Тоа е нешто во кое се инволвирани и засегнати околу 700 лица кои се пријавени во овој испитен рок. Тие 700 лица очекуваат да полагаат да го положат испитот и да им се трансформира работниот однос до крајот на годината, но во овој случај испитот нема да се случи. Тоа е нешто што сега можеби е поактуелно и од матурата и покрај тоа што матурата од 1 јануари ќе биде пополнување и изјаснување на учениците и внесување во системот на предмети, рече Бошковска. вј/бт/

Фото: МИА архива

 

Тагови

Остани поврзан