• сабота, 21 декември 2024

Мнозинството Грци сметаат дека „сигурно“ или „веројатно“ постои прекумерен туризам во земјата – според Мицотакис Грција нема таков проблем

Мнозинството Грци сметаат дека „сигурно“ или „веројатно“ постои прекумерен туризам во земјата – според Мицотакис Грција нема таков проблем

Атина, 16 октомври 2024 (МИА) – Речиси седум од десет Грци, односно 67 отсто сметаа дека „сигурно“ или „веројатно“ во земјата постои прекумерен туризам, согласно истражувањето на јавното мислење презентирано на конференцијата за туризам „Reimagine Tourism in Greece“ организирана од весникот „Катимерини“, додека пак грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посочува дека „Грција нема проблем со прекумерен туризам“, јави дописничката на МИА од Атина.

На прашањето „Дали постои прекумерен туризам во Грција“, 29 отсто од анкетираните одговориле „сигурно“, 38 проценти рекле „веројатно да“, 20 отсто сметаат дека „веројатно не“, а само шест проценти се сигурни дека „не постои“.

Мицотакис, за време на учеството на панел дискусија на конференцијата објасни дека Грција нема проблем со прекумерен туризам, туку „се соочува со проблеми со голема концентрација на туристи на конкретни, мал број дестинации, неколку месеци во годината“.

- Но, проблем со прекумерен туризам, онака како што е дефиниран како системски проблем кој веќе предизвикува реакции кај локалните заедници, во Грција не постои. И не треба да постои во иднина, рече Мицотакис.

Додаде дека она што е важно е во иднина како ќе управуваат со туристичките бранови, „за да не се соочиме со овој проблем“.

- Навистина, на некои острови во Егејското Море, некои месеци од годината, почнуваме да имаме проблем каде погодена е инфраструктурата на островите. Кога би имале подобра инфраструктура, теоретски би можеле да пречекаме повеќе туристи. Според мене, не постои апсолутен број, апсолутна граница над која не можеме да одиме. Ова, во голема мера зависи од способноста на нашите острови да управуваат со туристичките бранови во однос на отпадот, во однос на водата, во однос на сообраќајот што може да се создаде на патиштата. Значи, теоретски, ако подобриме дел од нашата инфраструктура, би можеле да примиме повеќе посетители, објасни Мицотакис.

Посочи дека прашањето е дали сакаат повеќе туристи или во основа сакаат туристи кои ќе можат да трошат повеќе пари во земјата и дали мерило за успешноста на една туристичка година е апсолутниот број на пристигнувања или се приходите.

- Целта се приходите. Па така, повеќе ме интересира да имаме рекорд во приходите, што очигледно, во голема мера е поврзано и со бројот на пристигнувања, но она што првенствено го гледам е вкупниот придонес на туризмот во однос на динамиката на развојот на земјата, а во исто време и трошењето по глава на жител на посетителите, што секако зависи од цените што ги наплаќаме, објасни грчкиот премиер.

Во истражувањето на јавното мислење во кое биле анкетирани 1.149 лица во периодот од 13 до 16 септември, на прашањето колку е важен туризмот во земјата 86 отсто одговориле „многу“ или „доста“, а 54 проценти преферираат „помалку туристи со подобра финансиска ситуација“. ср/ссм/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан