• сабота, 14 февруари 2026

Мицотакис нема да присуствува на инаугуративната седница Одборот за мир

Мицотакис нема да присуствува на инаугуративната седница Одборот за мир

Атина, 12 февруари 2026 (МИА) – Во програмата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за следниот период, според портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, не вклучено присуство на инаугуративната седница на Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп што ќе се одржи следната седмица во Вашингтон, јави дописничката на МИА од Атина.

Грција, освен што на средината на јануари доби покана да учествува како членка-основач на Одборот за мир, минатата седмица била поканета од САД за учество на првиот, инаугуративниот состанок.

- Во моментов, во програмата на премиерот се Обединетите Арапски Емирати и Индија, две многу важни посети за грчката надворешна политика и за национални интереси, посети што беа планирани долго време. Друго ништо нема. Значи, она за што ме прашавте не е во програмата на премиерот. Доколку има други информации, ќе информирам, рече Маринакис одговарајќи на новинарско прашање дали Мицотакис ќе учествува на состанокот.

Портпаролката на Министерството за надворешна работи на Грција, Лана Зохиу на редовниот брифинг со новинарите во вторникот потсети дека на 16 јануари Грција беше поканета од американскиот претседател да учествува како членка-основач на Одборот за мир, но и посочи дека како членка на Советот за безбедност на ОН „Грција се движи во рамките на Резолуцијата 2803, која ја поддржа на гласањето“.

- Резолуцијата утврдува дека Одборот за мир претставува привремено тело чија цел е воспоставување мир исклучиво во Газа. Оттука, разликата што постои меѓу Статутот на Одборот за мир и Резолуцијата 2803 предизвика одредена резервираност, поради што Грција не го потпиша и не пристапи кон Статутот на Одборот за мир, рече Зохиу.

Таа дополнително посочи дека на крајот од минатата недела, земјата добила покана за учество на инаугуративната седница на 19 февруари во Вашингтон. ср/ми/

Фото: Архива МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан