• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Новите авиолинии чекор кон промоција на државата и привлекување туристи

Мицкоски: Новите авиолинии чекор кон промоција на државата и привлекување туристи

Скопје, 26 октомври 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за најавените шест нови авионски линии, изјави дека треба да сме среќни што многумина ќе имаат можност преку евтини линии да ја посетат нашата земја и да уживаат во нејзините природни и културни убавини.

- Потпретседателот на Владата и министер за транспорт, најави шест нови дестинации меѓу кои се Истанбул од Охридскиот аеродром, Базел, Дубаи и така натаму. Знаете дека ние субвенционираме на пристигнат патник од Скопскиот аеродром - девет евра, а од Охридскиот - дванаесет. Во ноември ќе има и нови линии, тоа е само чекор во насока на тоа што го зборувам цело време, а тоа е дека како држава можеме да бидеме исклучително атрактивна туристичка дестинација, што нема само природни убавини, туку има и навистина големи културни места, што треба да се посетат, што датираат од различни периоди во минатото и можам да кажам дека 90 проценти од туристите, кои ја посетуваат земјата, се токму поради тие културни знаменитости, што ги поседува Македонија како држава, одговори Мицкоски по денешната посета на отворањето на Центар за услуги во општина Аеродром.

Ова, според него, е уште еден чекор во насока на промоција на државата во рамки на привлекување на што е можно повеќе туристи.

- Ние како граѓани треба да се покажеме како добри домаќини и да продолжиме на тој начин да функционираме. Не треба да се плашиме, напротив, треба да сме среќни што многумина ќе имаат можност преку евтини линии да ја посетат нашата земја и да уживаат во нејзините природни и културни убавини, подвлече премиерот.

Министерот за транспорт Александар Николоски вчера на прес-конференција најави дека ќе бидат отворени шест нови авионски линии со Дубаи, Барселона, Лион, Штутгард, Базел и Истанбул. Како што информираше министерот, четири нови авионски линии се однесуваат на Скопскиот аеродром, каде двапати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје - од 30 март, исто како и Скопје-Барселона-Скопје - од 30 јуни, додека, по трипати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје - од 30 јуни и Скопје-Штутгард-Скопје. На Охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид што ќе лета двапати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид - од 30 март, што ќе лета четирипати неделно. бд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан