• вторник, 24 декември 2024

Минатата недела најмногу случаи на грип во Гостивар и Куманово

Минатата недела најмногу случаи на грип во Гостивар и Куманово

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Во текот на 41. недела од 2024 година - од 7 до 13 октомври, пријавени се 31 случај на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грип во државава, за шест повеќе во споредба со претходната недела. Заболените лица оваа недела се регистрирани во Гостивар - 14, Куманово - 10, Тетово - три и Кавадарци, Свети Николе, Скопје, Струмица - по едно лице, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во однос на возраста, од 15 до 64 години - регистрирани се 18 лица, осуммина се на возраст над 65 години, а пет се деца од пет до 14 години. Кумулативно, заклучно со 41. недела, пријавени биле вкупно 56 случаи.

- Во текот на 41. извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ - РСМ пристигнаа 11 материјали за лабораториско тестирање на грип, од кои шест од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и Ковид-19 и истите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот. Едно лице е позитивно на Ковид-19, појаснуваат од Институтот.

Кумулативно, досега биле тестирани 18 материјали од кои сите со негативен резултат за инфлуенца.

Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи - согласно препораките на Светската здравствена организација. Тоа се постарите лица - над 65 години, деца на возраст од шест до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.

- За сезоната 2024/2025, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 70.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 10.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for influenza vaccine introduction). Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2024/2025 ќе се спроведува во центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици и - или здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб-страницата - вакцинација.мк, истакнуваат од ИЈЗ.

Оттаму додаваат дека дополнителни 2.600 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население. Истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест. бд/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан