• петок, 27 декември 2024
МИА Флеш

   5 декември 2024

 

Скопје - Слаб снег провејува на Попова Шапка и на планинскиот превој Стража и Маврово, а намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, информираат од Авто - мото сојузот на Македонија.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Скопје - На одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши истакна дека корупцијата останува голем предизвик за секое општество и држава. Тој потенцираше дека борбата против неа мора да биде заедничка.

-Овој феномен е заедничка адреса на секој разурнат систем, извор на проблеми и пречка за секој напредок. За жал, и во нашата земја ја поткопа довербата во институциите, го попречи економскиот развој и придонесе за масовно иселување на младите. Ни треба многу работа во оваа насока, рече Гаши.

Скопје - Меѓународниот ден за борба против корупцијата не е само ден за подигнување на свеста, туку е и повик за конкретна акција. Тој не потсетува дека заедно имаме моќ да изградиме општество, во кое корупцијата нема место, каде ресурсите се насочени кон доброто на сите граѓани и каде секој има еднаква шанса за напредок. Потребно е да се обединиме и дејствуваме заедно, индивидуално, институционално и на сите нивоа на власт, порача денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска.

Скопје - Корупцијата останува врвен проблем за граѓаните, но и главна пречка за пристапот до квалитетни и јавни услуги, евроинтеграцијата и општ развој на државата. Борбата против корупцијата бара соодветно следење и дополнителни ресурси - финансиски, технички и човечки, за да можат институциите ефективно да ги имплементираат контролните механизми. Корупцијата мора да се искорени за да се постигне одреден напредок, беа главните пораки на настанот во Собранието, што се одржа денеска по повод одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата - 9 Декември.

На одбележувањето, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Наупнау порача дека унапредувањето на владеење на правото е клучно за развојот и просперитетот на Северна Македонија.

Скопје – Новогодишната кошничка ќе опфаќа повеќе од 600 производи и ќе трае од 15 декември до 15 јануари. Со неа се очекува намалување на цените на производите за 10 и повеќе проценти.

Листата на производи, како што кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски, е договорена заедно со стопанските комори, синдикатите, производителите, дистрибутерите и трговците.

- Направивме нешто што можеби досега никогаш не е направено – сите заедно разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис. Сите се согласивме во  периодот од 15 декември до 15 јануари цените на повеќе од 600 артикли да бидат намалени и брендирани  со налепници на кои ќе пишува „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.

Скопје - Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ денеска оствари средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ, кој е во неколкудневна работна посета на земјава, информираат од неговиот кабинет.

Оттаму посочуваат дека соговорниците разговарале за повеќе актуелни теми кои се во интерес на двете држави и кои дополнително ќе ги зајакнат и онака добрите релации.

Скопје - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска даде поддршка за барањата за апанажа на осум лица од поранешните состави на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и на Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, на кои мандатите им беа прекинати откако двете комисии беа споени со законски измени на 17 септември годинава.

Скопје - Средба меѓу Министерството за образование и наука и Одборот на родители од основното училиште „Лазо Ангеловски“ денеска има, потврдија за МИА од ресорното Министерство. Оттаму најавуваат информација по завршување на средбата. 

Средбата е закажана по реакциите на родителите од ова училиште и основното училиште „11 Октомври“ во општина Центар каде третоодделенецот требаше да биде префрлен. 

Откако родителите на учениците од „11 Октомври“ почнаа да ја бојкотираат наставата, а по повлекување на одлуката и негово враќање во матичното училиште „Лазо Ангеловски“, денеска празно остана и ова училиште.  

Прилеп - Тутунопроизводителите оваа година ќе бидат многу позадоволни од минатата година. Просекот кој ќе се постигне на ниво на држава ќе биде биде поголем од минатогодишниот, порача министерот за земјоделство Цветан Трипуновски при денешната посета на градскиот откупен пункт во прилепскиот Тутунски комбинат.

Досега се откупени 1 400 тони тутун по просечна цена од 374, 3 денари и се исплатени 45 проценти од откупениот тутун. Земјоделскиот инспекторат го следи овој процес.

Скопје - Македонската банкарска асоцијација информира дека на 48. Седница на Собранието го именуваше Бојан Стојаноски за заменик-претседател на Асоцијацијата, со мандат од четири години.

- Стојаноски е истакнат банкарски професионалец со повеќе од 25 години искуство во банкарскиот сектор, од кои 15 години на раководни позиции. Тој е долгогодишен и активен член на Македонската банкарска асоцијација уште од нејзиното основање, при што се истакна со својот значаен придонес како претседавач на Комисијата за реструктурирање корпоративен долг, стои во соопштението.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје подигнаа и транспортираа околу 50 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Центар и Чаир.

Како што информира  ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје, екипите чистеле во непосредна близина на Градскиот стадион, каде се отстранети 10 кубни метри кабаст и отпад од пет-амбалажа одложени на јавни површини.

Дебар – Претседателот на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, продолжува со средби со партиски и локални функционери во државава, на кои подетално ги информира соговорниците со положбата на Македонците во Албанија и активностите на друштвото.

- На денешната средба со Никола Мицевски, висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонскиот Парламент, детално го информирав за напорите на нашето друштво во реализација на мисијата, а тоа е заложбата за остварување на легитимните права на Македонците во Албанија. Изразив голема благодарност за одвоеното време и му донирав примероци од весникот „Илинден“, албумот со народни носии на Македонците од сите делови на Албанија, како и примероци од Резолуциите усвоени од ФУЕН, рече Ѓурѓај за МИА.

Скопје - Во Општина Илинден во рамки на програмата за реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта извршено е асфалтирање на локалниот пат Кадино – Мралино во должина од 500 метри, а е воспоставен и систем за одведување на атмосферските води од коловозот на локалниот пат.

Крива Паланка - На една од најфреквентните локации во централното градско подрачје во Крива Паланка изработен е најголемиот мурал во градот што ги отсликува најкарактеристичните места, историски и останати посебности по кои е препознатлива оваа општина.

Муралот е исцртан под т.н. „Шанин мост" покрај магистралниот пат А2, Куманово - Крива Паланка, што е дел од меѓународниот Коридор 8 и ги содржи: логото на Општина Крива Паланка, познатото духовно светилиште манастирот „Св. Јоаким Осоговски", фолклорни елементи и традиционална носија од кривопаланечкиот крај, како и познатиот кривопаланечки симит, специфичен специјалитет што воедно е симбол на градот.

Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека годинава работел три дена помалку од лани, иако сега имам поголема плата и оцени дека тоа не било фер.

Тој за Радио телевизија Србија (РТС) изјави дека до Нова година „ќе се обиде да надополни еден работен ден“, пренесе Бета.

- Работев понапорно минатата година. Ќе се принудам да работам многу повеќе, да се борам многу посилно и да го протуркам тој Експо (2027), рече Вучиќ.

Атина – Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис утре ќе го посети Бејрут и ќе се сретне со премиерот на Либан Наџиб Микати и претседателот на либанскиот Парламент Набих Бери, соопшти портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите и истакна дека двете земји „се поврзани со традиционални врски на пријателство“, јави дописничката на МИА од Атина.

Брисел - Ќе направам се да обезбедам билатералните спорови од минатото да не можат постојано да стојат на патот кон нашата заедничка цел – приближување на земјите од Западниот Балкан кон Европска Унија, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на форумот „Самит ЕУ-Западен Балкан: Обновен пристап кон регионот“ во организација на бриселскиот тинк тенк „Пријатели на Европа“. 

- Мојот сон е да ги имаме сите земји од Западниот Балкан во Европската Унија и да ги видиме отстранети границите и билатералните тензии, како што беше случај во многу делови од континентот, изјави Кос, додавајќи дека со отстранувањето на физичките бариери на раздвојување, многу историски тензии ќе се тргаат на страна.

Вашингтон – Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто изјави дека крајот на конфликтот во Украина изгледа поблиску од кога било, иако опасноста од ескалација е најголема досега, бидејќи „американската администрација во заминување се обидува да го направи невозможно посредувањето за мир по 20 јануари“.

Вашингтон – Основачот на Амазон, Џеф Безос изјави дека е оптимист за вториот мандат на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп и верува дека тој би можел да придонесе за намалување на регулативите во земјата.

- Овој пат сум всушност многу оптимист, рече Безос на бина за време на интервју на самит во Њујорк, додавајќи дека изгледа дека Трамп вложува многу енергија во намалувањето на регулативите.

Ако можам да помогнам, ќе помогнам. Имаме премногу прописи во оваа земја, додаде Безос.

Дамаск – Сириските бунтовници денеска соопштија дека почнале офанзива врз градот Хама, но во меѓувреме, сириските државни медиуми јавија дека сите напори на бунтовниците да влезат во градот пропаднале и оти сириската армија ги враќа назад.

Сириските бунтовници кои се борат против силите лојални на претседателот Башар ал Асад, ја напаѓаат централната провинција Хама и истоимениот град по заземањето на Алепо, заканувајќи се дека ќе ги пресечат владините трупи од клучната рута што го поврзува главниот град Дамаск со Алепо.

Лозана - На претставниците на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) во седиштето во Лозана, Швајцарија им е доставена петиција со 40 илјади потписи на спортисти од различни земји. Документот повикува на заштита на „женскиот спорт, личниот простор и основната правичност“ наспроти редовното појавување на поранешни мажи на женските натпревари и во женските соблекувални.

- Мажите и жените се различни. Нивните физички разлики им даваат на мажите спортски предности. Научното истражување ја поддржува оваа реалност. Оваа политика ги става чувствата над правдата и идеологијата над вистината, се наведува во писмото. 

Тагови

Остани поврзан