• вторник, 14 јануари 2025
МИА Флеш

13 јануари 2025

Скопје - Бројот на туристите во ноември 2024 година изнесувал 66 701, од кои 31.6 % биле домашни, а 68.4 % се странски туристи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Бројот на ноќевањата во ноември 2024 година изнесувал 138 226, од кои 38.6 % се од домашните туристи, а 61.4 % од странските.

Скопје - Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека е во тек координирано извлекување на заглавено постаро лице од снежни наноси, кое е во својот дом во кочанското село Полаки. 

РЦУК Кочани известува дека постапиле по пријавата за помош на лице во село Полаки (планинско село од разбиен тип) во маало Бабиште при што контактирани се Општина Кочани, Црвен крст Кочани, ТППЕ Кочани и ДЗС Кочани. 

Скопје - Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи денеска доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за европски прашања.

Заменик-министер за финансии, Николче Јанкуловски во образложувањето пред членовите на Комисијата истакна дека со предлог-измените се уредуваат одредбите од постојниот Закон со кои се уредува начинот на пресметка на сопствените средства на платежната институција, односно институцијата за електронски пари. Исто така, како што потенцира, Европската комисија ги стави на внимание измените на Директивата за платежни услуги ПСД 2 освоени по донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи.

Скопје - Во ноември 2024 година биле издадени 260 одобренија за градење, што е за 18.2 % помалку во однос на истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 4 250 392 илјади денари, што е за 63.8 % помалку во однос на ноември 2023 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Намалената предвидена вредност се должи на фактот дека во истиот месец од претходната година било издадено одобрение за градење на објект од нискоградбата со поголема вредност, односно изградба на меѓусебно поврзан (интерконективен) гасовод Република Северна Македонија – Грција.

Скопје -  Кривичниот суд денеска ја објави пресудата за „Тврдина“, делот од предмет за масовното прислушување на СЈО „Таргет-Тврдина“ што не застареа со измените на Кривичниот законик. За злоупотреба на службената положба и фалсификување на исправа, поврзано со уништувањето на системите за следење на комуникацијата во УБК, Судот денеска ги прогласи за виновни обвинетите Тони Јакимовски и Валентина Симоновска, кои беа присутни во судница, како и Горан Грујевски и Никола Бошкоски, екс разузнавачи кои избегаа во Грција, на кои им се судеше во отсуство.

За делата злоупотреба на службената положба и фалсификување исправа обвинетиот Тони Јакимовски беше осуден на една единствена казна затвор од три години, во која се засметува и притворот, обвинетиот Горан Грујевски на една единствена казна затвор од 14 години и шест месеци и обвинетиот Никола Бошкоски на една единствена казна затвор од девет години и десет месеци.

Скопје - Од 11:40 часот укината е забраната за движење тешки товарни возила на патниот правец Делчево - ГП Делчево, информира АМСМ.

 Од 07:30 часот беше воведена забрана за сообраќај на овој патен правец од превентивни причини за безбедно одвивање на сообраќајот.

Подгорица - Во успешна операција координирана преку Оперативно-комуникацискиот центар 112, во соработка со службите за заштита и спасување во Никшиќ и Жабљак, во неделата во три операции беа спасени 14 лица кои беа заглавени во снегот, соопшти Министерството за внатрешни работи на Црна Гора.

„На територијата на општина Жабљак се спасени седум државјани на Бангладеш и двајца државјани на Руската Федерација, а во областа Крново се спасени петмина црногорски државјани. Заглавените лица се лоцирани преку системот 112 Оперативен центар за комуникации и испратени се информации до службите, а благодарение на брзата реакција на Службата за заштита и спасување сите се безбедно евакуирани“, соопшти МВР.

Брисел - Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен ги отфрли обвинувањата на првиот човек на „Мета“, Марк Цукерберг дека ЕУ се обидува да ги цензурира социјалните мрежи, оценувајќи ги ваквите тврдења како лажни. 

- Знаеме дека тоа не е вистина. Во Европа слободата на говорот е една од нашите фундаментални вредности и таа, исто така, се почитува и е заштитена со нашиот Закон за дигитални услуги (ДСА). Значи, многу е погрешно да се каже нешто такво, изјави Виркунен за „Политико“.

Вашингтон - Глобалните цени на нафтата денеска се искачија на највисокото ниво во последните четири месеци, бидејќи трговците се загрижени дека новиот бран американски санкции насочени кон рускиот енергетски сектор може да го наруши и намали снабдувањето на пазарот.

Според податоците на берзата, цената на нафтата Брент во еден момент порасна на 81 долар за барел, а цената на американската нафта ВТИ (WTI) се движи околу 78 долари.

Ерусалим – Министерот за надворешни работи на Израел Гидеон Сар потврди дека е постигнат напредок во тековните преговори за постигнување договор со Хамас за прекин на огнот и за заложниците.

- Постигнат е напредок; гледаме одреден напредок во преговорите, рече Сар на прес-конференција во Ерусалим заедно со неговиот дански колега Ларс Локе Расмусен кој е во посета на земјата.

Тајпеј - Тајванското разузнавачко биро тврди дека кинеската безбедносна агенција соработува со криминални банди и други сомнителни лица за да собере разузнавачки информации за одбраната на Тајван, што резултира со нагло зголемување на бројот на апсења за наводна шпионажа на островот.

Поединци од сегашниот воен персонал на Тајван, како и воените пензионери, сочинуваат половина од 64-те наводни шпиони судени минатата година, се вели во соопштението.

Лос Анџелес - Речиси сите државни училишта во Лос Анџелес повторно ќе бидат отворени денеска, иако пожарникарите продолжуваат да се борат со неколку шумски пожари во кои загинаа најмалку 24 луѓе и уништија повеќе од 12.000 објекти во градот.

Образовните власти во Лос Анџелес објавија дека само седум од 1.302 училишта ќе останат затворени. Четири од нив се уништени во пожар во близина на населбата Пацифик Палисадес во северозападниот дел на Лос Анџелес, а уште тројца се во зоната на евакуација, рпенесува ДПА.

Брисел - Европска комисија донесе одлука за доделување на нова хуманитарна помош за Украина и за Молдавија во износ од 148 милиони евра намената за најранливите категории на украински граѓани погодени од руската агресија врз нивната земја. 

Како што соопшти ЕК, од оваа сума 140 милиони евра се наменети за Украина за хуманитарни проекти за обезбедување на храна, сместување, чиста вода, здравствена заштита и за справување со зимата. Дополнително, останатите осум милиони евра се одвоени за поддршка на украинските бегалци во Молдавија и нивните молдавски домаќини во форма на паричната помош, како и за обезбедување здравствената заштита, образованието и психосоцијална поддршка. 

Остани поврзан