• петок, 27 декември 2024
МИА Флеш

  28 ноември 2024

 

Подгорица - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Цетиње со највисоки државни и воени почести беше пречекана од црногорскиот претседател, Јаков Милатовиќ, со што почна дводневна официјална посета на Црна Гора.

По пречекот на кој беа интонирани химните на Северна Македонија и Црна Гора, двајцата претседатели одржуваат тет-а тет средба, на која фокус ќе биде ставен на евроинтегративните процеси на двете земји и на регионалната соработка како клучен предуслов за одржување на стабилноста и поголем економски просперитет на земјите од Западен Балкан, јави специјалниот известувач на МИА од Подгорица.

Сиљановска Давкова и Милатовиќ во дворот на резиденцијата на претседателот на Црна Гора ќе засадат дрво на пријателство.

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека законодавниот дом е подготвен да ја почне процедурата за донесување на уставните измени, доколку, како што рече, има политички договор.

-Мислам дека јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието веднаш штом ќе има политички договор ние сме спремни да ја почнеме процедурата, рече Гаши коментирајќи ја вчерашната изјава на новата еврокомесарка за проширување Марта Кос дека очекува Северна Македонија да го промени Уставот и да го забрзаме процесот.

Гаши смета дека веќе имаат обезбедено потребното двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени.

Скопје - Собраниска делегација во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер, од 26 до денеска била во работна посета на Државниот збор на Република Словенија.

Посетата, како што денеска соопштија од собраниската прес-служба, била фокусирана на работата на Клубот на млади пратеници од Словенечкиот парламент, соработката на Клубот со комисии кои покриваат младински прашања и политики, како и поддршката што Клубот ја добива од Парламентот.

Скопје - За многу скоро време јавноста ќе слушне што се правело со безбедносните служби за време на мандатот на претходната Влада, а СДСМ ќе се срамат и ќе треба да се извинат, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

-Ве носат во длабоко тие кои ви ги даваат прашањата, многу скоро од денеска ќе се срамат,  јавноста ќе знае. Се сеќавате на оној проект „Вистината за Македонија“, ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушкувањето и ќе се срамите и ќе излезете да се извините, затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале луѓе кои водат опозициски партии. Убеден сум дека дел од последното раководство на СДСМ не знаеле, но дел го правеле за злоупотреба и лична агенда, но тоа што се случувало ќе ве згрози, какви мерки се преземале, физичко следење и употреба на недозволени методи. Затоа се плашите вие, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеникот Трајчулевски кој праша зошто се прави партиски упад во сите комисии и  независни регулаторни тела и на второстепени комисии, и се прави брутална партизација на овие самостојни тела.

Скопје - Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска во одговор на пратеничко прашање ја повика бугарската страна „да се охрабри да се одржи третата средбата што беше плаирана за неделава за изградбата на третата фаза од пругата кон Бугарија.

Одговарајќи на прашање од пратеникот од СДСМ Митко Трајчуловски дали свесно и намерно се одолговлекува изградбата на железничкиот дел од Коридорот 8 и за давање приоритет на Коридорот 10, Николоски рече дека апсолутно  е потребна првин рехабилитација и реконструкција на пругата на Коридор 10 и оти секако големата визија е брза пруга, на која би се оперилало со 200 километри на час во патничкиот сообраќај и 120 во товарниот.   

Скопје - СДСМ најостро ја осудува и се спротивставува на скандалозната партизација на Советот за граѓански надзор на комуникациите што го прави ВМРО - ДПМНЕ, изјави на денешната прес-конференција, Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ.

Ова тело, појасни, ја контролира работата на институциите кои ги следат комуникациите, прислушувањата и постапува во претставки доколку некој е прислушуван.

Скопје - Нема да отстапиме од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра, бидејќи тоа е прагот под кој не смее да се отиде. Плата во висина од 450 евра не треба да добие никој од вработените во јавниот и приватниот сектор, тоа е социјална помош која државата ја дава на вработените, истакна денеска на прес-конференција претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски. 

Како пример, Деаноски ја посочи Босна и Херцеговина која неодамна ја покачи минималната плата на 600 евра.

Скопје - ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, по повод 1 декември - Светски ден против СИДА во соработка со средното училиште СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ денеска  организираше работилница за средношколци, спроведена од тим на средношколци кои им пренесоа знаења на своите соученици, пријатели и познаници на тема сексуално преносливи инфекции, со фокус на важноста од ХИВ превенцијата.

Скопје - Врз основа на судска наредба издадена од Основен суд Прилеп, вчера полициски службеници од Полициското одделение Ропотово извршиле претрес во домот и други простории на  М.У.(28) од село Десово, Општина Долнени.

МВР денеска соопшти дека при претресот пронајдени и одземени биле две ловни пушки и 11 патрони за ловна пушка. Лицето било лишено од слобода и по документирање на настанот ќе следува соодветна пријава. 

Скопје - Под влијание на влажна и студена воздушна маса од утре до понеделник претпладне времето ќе биде претежно облачно, со појава на магла и со повремени врнежи од дожд, кои наместа и особено на западот и југот ќе бидат поројни и пообилни (над 50 l/m2), информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Оттаму додаваат дека на планините врнежите ќе бидат од снег, а во сабота на повисоките места и во некои пониски ќе бидат од дожд и снег. На планините ќе се формира значителна снежна покривка, а особено во сабота во западните делови снежна покривка ќе се создаде и во дел од пониските места.

Атина – Грчката полиција разби криминална организација со 37 члена, кои имале професионална инфраструктура и оперативни и телефонски центри во различни делови на Грција и изнудувале пари од граѓани и преку телефонски измами и убедувајќи ги да уплатат пари на банкарски сметки, а во откриените 656 случаи се стекнале со финансиска корист од 2.955.804 евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од грчката полиција, криминалната организација дејствувала на различни начини со неколку методологии, „со прикажување на лажни факти како вистинити, но и со користење на лажни информации за идентитетот“ за да ги измамат граѓаните.

Атина – Преку безбедносни камери поставени на улиците во областа Атика, поширокиот регион на Атина, ќе се следат и ќе се „ловат“ сообраќајните прекршоци во грчката метропола, а планирано е воведување и на дигитален систем преку кој на возачите кои направиле прекршок ќе им стигнува смс порака на мобилниот телефон, јави дописничката на МИА од Атина.

Надлежните министри за транспорт, за заштита на граѓаните и за дигитално управување на прес-конференција го презентираа владиниот план за поставување камери за зголемена безбедност во сообраќајот и соопштија од следното лето ќе бидат ставени во функција 1.388 безбедносни камери и дигитално ќе ги проверуваат прекршоците во областа Атика, а во иднина ќе бидат поставени и во Солун.

Истанбул - Истанбулското обвинителство отвори истрага за дистрибуирање на голема количина фалсификувани долари во различни делови на Турција, објави Си-Ен-Ен Турк.

Според информациите, се смета дека на пазарот се пуштени фалсификувани банкноти со апоени од 50 и 100 долари, во вкупна вредност од 600 милиони долари.

Според економскиот портал „Економим“, вкупната сума на фалсификувани долари внесени во Турција веројатно надминува една милијарда долари, а најголемиот дел се апоени од 50 долари.

Лондон - Велика Британија воведува построги санкции против работодавците кои експлоатираат странски работници.

Компаниите кои постојано ќе ги прекршат визните правила или ќе извршат сериозни прекршувања на законите за работни односи, како што е неисплаќање на минималната плата, нема да можат да ангажираат странски работници две години. Тоа е повеќе од сегашните 12 месеци, соопшти Владата.

Велика Британија отвори нова визна рута за работни места во сферата на социјалната грижа во 2021 година за да ги пополни илјадниците слободни работни места, но голем број фактори, вклучувајќи ги ниските плати и лошите работни услови, ги направија работниците мигранти во секторот поранливи на трудова експлоатација.

Брисел – Под притисок на потребата за „стегање на ременот“, Европската комисија планира „драматично намалување“ на бројот на вработените во многу од мисиите и делегациите на ЕУ ширум светот, а за возврат да го зголеми персоналот во земјите каде што лежат примарните стратешки интерес на блокот, објави бриселскиот портал „Политико“. 

Ваквата идеја доаѓа во време кога Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) го надмина одредениот буџет за 2024 година и се проценува дека во сегашната поставеност за следната година би и бил потребен поголем буџет, како резултат на зголемените трошоци и инфлацијата. 

Москва - Русија врати седум деца на Украина со посредство на Катар, јавува ТАСС.

Катар неколкупати досега посредуваше меѓу Русија и Украина за враќање на украински деца од почетокот на војната.

Собирот на неколку семејства се одржало во катарската амбасада во Москва, со присуство на катарскиот амбасадор Ахмед бин Насер бин Џасем ал Тани и рускиот претседателски пратеник за правата на децата, Марија Лвова-Белова.

Москва - Новата руска балистичка ракета „Орешник“ може да носи нуклеарни боеви глави со вкупна моќност од 900 килотони, објави рускиот владин портал „Објашњавамо.рф“ на својот канал на Телеграм.

Во нуклеарната верзија „Орешник“ може да носи боеви глави со вкупна моќност од 900 килотони (што е еквивалентно на 45 Хирошими)“, се наведува во соопштението.

Астана - Казахстанската полиција спроведува истрага за причините за краткотрајното појавување на украинското знаме на голем екран во центарот на главниот град Астана за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин,информира Министерството за внатрешни работи на Казахстан.

Знамето се појавило накратко синоќа, заменувајќи го руското знаме на екран поставен на еден од главните булевари во градот.

Киев - Само 16 отсто од избирачите би го поддржале украинскиот лидер Володимир Зеленски доколку изборите се одржат во овој момент, покажа анкета што ја споведе Социолошка асоцијација на Украина, објави украинскиот портал Зеркало Недели.

Според резултатите, поранешниот висок украински генерал Валериј Залужни е многу попопуларен од Зеленски, а 27 отсто од испитаниците рекле дека би гласале за него. Залужни, кој во февруари беше разрешен од должноста шеф на вооружените сили, стана амбасадор во Киев во Лондон.

Дамаск - Повеќе од 130 лица загинаа во судири меѓу сириските владини сили и џихадистички групи во северниот дел на земјата, објавува Сирискиот центар за мониторинг на човековите права  со седиште во Лондон.

Џихадистите од Хајат Тахрир ал Шам вчера започнаа „операција“ против територии под контрола на сирискиот режим во провинцијата Алепо.

Вашингтон - Идната администрација во Вашингтон најави драстични кратења на федералната влада а за тоа надлежни ќе бидат Илон Маск и Вивек Рамасвами, поради што, илјадници функционери и професионалци стравуваат од губење на работата.
 
Тие сега имаат нов проблем –  да не станат директна мета на нападите на најбогатиот човек во светот и неговите милиони следачи на Икс.

Бејрут - Либанскиот парламент ќе се состане на 9 јануари за да избере претседател, со што ќе се стави крај на повеќе од две години без шеф на државата, објави Националната новинска агенција (ННА), пренесуваат западни медиуми.

Оваа одлука е објавена ден по стапувањето во сила на привремен прекин на огнот меѓу Израел и поддржаната од Иран групација „Хезболах“.

„Претседателот на парламентот Набих Бери свика седница за избор на претседател на републиката на 9 јануари“, соопшти ННА.

Сеул - Во делови на главниот град на Јужна Кореја, Сеул изутрината паднаа повеќе од 40 сантиметри снег, што предизвика откажување на повеќе од 140 летови. Метеоролозите упатија предупредување за обилни снежни врнежи подоцна.

Едно лице го загуби животот, а две други се повредени на терен за голф, откако синоќа врз нив паднала мрежа врз која имало снег, а уште едно лице го загуби животот при уривање заштитен шатор на паркинг, јавуваат медиумите.

Најмалку уште две лица загинаа во сообраќајни несреќи на автопатите источно од главниот град, според извештаите.

Тагови

Остани поврзан