• понеделник, 26 август 2024
МИА Флеш

7 септември 2023

- Зголемување на ставката плати во јавниот сектор за 4,25 милијарди денари, дополнителни 3,5 милијарди денари за раст на пензиите, дополнителни 800 милиони денари за земјоделски субвенциии, дополнителни средства за здравството и образованието. Ова се само дел од проекциите предвидени со Одлуката за прераспределба на годинашниот Буџет што ја донесе Владата на денешната седница. Како што соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими, Одлуката денеска ќе биде доставена од страна на службите до Собранието. 

 - Со донесувањето на измените и дополнувањата на овој закон во Собранието на Република Северна Македонија, и тоа со молскавична брзина, по скратена постапка и употреба на европското знаменце, односно на начин со кој не се дозволува широка јавна расправа, експертска дебата, ниту анализа на последиците што ќе ги предизвика ова законско решение, сериозно се загрозува правната сигурност во државата, оцени денеска Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

 – Пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, денеска беше осуден на двегодишна условна казна затвор за „злоупотреба на службената положба и овластување“ во предметот „Дизајн“ кој се однесува на набавката на кинеските автобуси за Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје. Казната нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од пет години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

- ТАВ Аеродроми, синоќа, 6-ти септември, на гала церемонијата за време на годишниот Форум и светски самит за искуство на клиентите на ACI во Инчон, Република Кореја, ја прими наградата за Квалитет на аеродромски услуги (Airport Service Quality–ASQ) за Меѓународниот Аеродром Скопје за 2022 година, од Меѓународниот совет на аеродроми (Airport Council International World – ACI World).

– Европската комисија е во близок контакт со грчките власти за поддршка на погодените и напорите за обнова што ќе бидат потребни, напиша на Х потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас за невремето и катастрофалните поплави во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

– Од 14 септември за сите новороденчиња во Србија ќе биде обврзен скринингот за спинална мускулна атрофија. Прегледот ќе биде на трошок на српскиот Републички фонд за здравствено осигурување (РФЗО).

– Неколку села и помали градови во околината на Кардица во централна Грција се целосно поплавени, а жителите, засолниште најдоа на крововите на домовите во исчекување на помош, јави дописничката на МИА од Атина. 

- Претседавач со ОБСЕ, министерот Бујар Османи, денеска се обрати пред Амбасадорскиот совет на Унгарија, кој е во организација на Министерството за надворешни работи и трговија на Република Унгарија. Како што соопшти МНР, носечка тема на излагањето беа предизвиците и соработката во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023, во насока на што поскорешно постигнување мир и стабилност на Европскиот континент. 

- ЕУ силно ги осудува руските напади врз цивили и цивилна инфраструктура во Украина и ја повикува Русија веднаш да престане со својата нехумана и незаконска агресија, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Остани поврзан